Може ли протест кој се дефинира како строго граѓански навистина да остане надвор од политиката кога на него присуствуваат активни партиски лидери? Иако организаторите на осмомартовскиот марш во Скопје апелираа настанот да не се партизира, самото појавување на високи политички фигури повторно ја отвори дилемата дали граѓанските иницијативи во пракса можат целосно да се одвојат од политичкиот контекст.

Традиционалниот осмомартовски марш во Скопје и годинава помина со пораки за еднаквост и почитување на правата на жените.
Организаторите нагласија дека маршот е исклучиво граѓанска иницијатива и апелираа тој да не се партизира.
„Маршот е чисто граѓански протест против системското долгогодишно бришење на жените. На него имаат право да се приклучат сите граѓани и граѓанки. Забранети се партиски и институционални обележја, бидејќи протестот е граѓанска иницијатива и не смее да се партизира“, порачаа организаторите.

На вчерашниот марш се приклучи и претседателот на СДСМ, Венко Филипче, кој присуствуваше како граѓанин.
Маршот традиционално се организира на 8 Март – Меѓународниот ден на жената, со цел да се укаже на потребата од поголема родова еднаквост, почитување на правата на жените и надминување на општествените нееднаквости.
![]()

