И покрај јасниот демант од британскиот амбасадор Метју Лосон дека не постои договор меѓу Македонија и Велика Британија за примање мигранти во замена за пари, опозициската СДСМ повторно ја актуализира темата со низа иронични коментари и политички обвинувања кон власта.
Во вчерашното соопштение, од СДСМ наведуваат „многу случајности“ поврзани со наводниот договор, алудирајќи дека зад демантите стои поинаква реалност. Партијата, со доза на сарказам, порача дека му верува на премиерот Христијан Мицкоски, бидејќи, како што велат, тој е познат по тоа што го исполнува тоа што го кажува.

„Веруваме дека случајно британските медиуми, меѓу кои и ‘Тајмс’, објавија за што се разговара. Веруваме дека случајност е потегот на ВМРО-ОКГ да донесе декрет во Собранието за да забрани да се зборува за темата. Толку многу веруваме дека е случајно и тоа што ВМРО-ОКГ не прифати да ја потпише резолуцијата на СДСМ со која би се ставила точка на оваа тема“, наведуваат од СДСМ.
Од опозициската партија како „случајности“ ги посочуваат и одлуката на Владата за ангажирање на 10.000 странски работници во 2026 година, како и измените на Законот за странци, со кои се олеснуваат процедурите за престој и работа на странски државјани.
Сепак, ваквите обвинувања доаѓаат само еден ден по јасната изјава на британскиот амбасадор во земјава Метју Лосон, кој во интервју за емисијата „Европат“ на ТВ24 категорично изјави дека не постои никаков договор за примање мигранти.

„Едноставно не е вистина дека постои договор меѓу Македонија и Велика Британија за примање мигранти во замена за пари. Апсолутна невистина е дека британската влада би направила нешто што на македонската влада не би ѝ одговарало“, нагласи Лосон.
По ваквата изјава реагираше и вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, кој оцени дека „како меур од сапуница се распрснала лагата на СДСМ за ‘мигранти за пари’“.
Став изнесе и премиерот Христијан Мицкоски, кој посочи дека со изјавата на британскиот амбасадор паѓа целата конструкција што СДСМ и нејзиниот лидер Венко Филипче со месеци се обидувале да ја наметнат во јавноста.
Политичките реакции околу ова прашање продолжуваат, но по официјалниот демант од британската страна, сè почести се оценките дека темата се користи за собирање политички поени и создавање непотребна паника во јавноста.
![]()

