Поранешниот градоначалник на скопската општина Центар од редовите на СДСМ, Саша Богдановиќ, најави формирање нова политичка партија под името „Српска демократска лига“, објави порталот „Фокус“.
Во изјава за медиумот, Богдановиќ потврди дека тој ќе ја предводи новата партија, но засега не открива кои личности ќе бидат дел од раководството.

„Партијата ќе се вика ‘Српска демократска лига’. Името потекнува од 1908 година, кога за првпат се организирале Србите во политичка партија на територијата на денешна Македонија. Јас ќе бидам претседател на партијата, така се договоривме со луѓето од иницијативниот одбор и со иницијаторите за формирање на партијата“, изјави Богдановиќ.
Според него, новиот политички субјект ќе има национална основа и ќе се фокусира на подобрување на правата на српската заедница во државата, но ќе работи и на пошироки општествени прашања.

„Партијата ќе биде со национална основа, пред сè да се бори за подобрување на правата на Србите во Македонија, но ќе има и свои сектори и комисии кои, освен за културни, образовни и историски прашања, ќе понудат решенија и за останатите процеси во општеството“, рече тој.
Богдановиќ објасни дека одлуката да го напушти СДСМ ја донел поради незадоволство од правецот во кој се движи партијата.
„И покрај некоректноста на раководството на СДСМ во 2021 година при изборот на кандидат за локалните избори, јас останав коректен и доследен. Но, за жал, сите работи тргнаа во погрешен и лош правец и се изгубија вредностите во кои сме верувале“, изјави Богдановиќ.
Тој потврди дека имал контакти со владејачката партија ЗНАМ, предводена од Максим Димитриевски, но нагласи дека никогаш не станал нејзин член.
„Сум имал контакти со ЗНАМ, но никогаш не сум се зачленил. Идејата да формираме нова партија постои веќе некое време, но претходно сакавме да направиме консултации и со други политички чинители“, додаде Богдановиќ.

Инаку, Богдановиќ во минатото беше претседател на општинската организација на СДСМ во Центар, директор на јавното претпријатие „Паркинзи на Општина Центар“ во времето кога градоначалник беше Андреј Жерновски, а потоа и самиот ја извршуваше функцијата градоначалник на Центар, откако победи на локалните избори во 2017 година.
На локалните избори во 2021 година, СДСМ одлучи да настапи со сегашниот градоначалник Горан Герасимовски, по што Богдановиќ се повлече од активната партиска сцена.
Во меѓувреме, од СДСМ реагираа со обвинувања дека зад новата партија стојат политички влијанија.

„Со нова режија за збунување на избирачите, ВМРО во соработка со српската БИА формира проруска партија ‘Српска лига’. Со истата таа партија во Србија управува Милош Вучевиќ, првиот човек на Александар Вучиќ и претседател на СНС, сестринската партија на ВМРО“, соопштија од СДСМ.
Од партијата додаваат дека, според нив, станува збор за обид за зголемување на српското и руското влијание во македонската политика.
![]()

