МАКЕДОНСКА КЛАСИКА: ПРВО КОЛОНИ НА ПУМПИ, ПА ПОТОА ПАД НА ЦЕНАТА НА НАФТАТА

Падот на цената на нафтата на светските пазари по изјавата на Доналд Трамп дека конфликтот меѓу САД и Иран би можел брзо да заврши, носи и потенцијално олеснување за македонскиот пазар на горива. По неколкудневната паника и шпекулации за нови поскапувања, ситуацијата се стабилизира, а се очекува притисокот врз цените на горивата постепено да се намали.

Во меѓувреме, оние што викендов дисциплинирано чекаа во долги колони пред бензиските пумпи – „за секој случај“ – сега барем ќе имаат полн резервоар… и уште една добра приказна како паниката секогаш е најбрза на нашите бензински.

Цените на нафтата забележаа нагло намалување откако американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека војната меѓу Соединетите Американски Држави и Иран би можела да заврши многу побрзо од очекуваното. Неговата изјава донесе одредено смирување на глобалните финансиски пазари, кои во изминатите денови беа погодени од силни осцилации.

Во телефонско интервју за CBS News, Трамп изјави дека конфликтот е „практично завршен“. Според него, воената операција напредува значително побрзо од првичниот план, кој предвидувал времетраење од четири до пет недели.

По неговите изјави, американските берзи ги надоместија претходните загуби. Индексот S&P 500 порасна за околу еден процент, додека цените на нафтата и приносите на американските државни обврзници забележаа пад.

Цената на нафтата падна под 90 долари за барел, откако за време на викендот накратко достигна повеќе од 118 долари. Намалувањето дојде и во момент кога најголемите светски економии разгледуваат координирани мерки за користење на итните енергетски резерви, со цел стабилизирање на пазарите.

И покрај смирувањето на пазарните реакции, ситуацијата на Блискиот Исток останува чувствителна. Ормутскиот теснец, една од најважните транспортни рути за глобалната трговија со нафта, и понатаму е речиси затворен. Засега нема конечен договор како ќе се обезбеди безбедно поминување на танкерите низ оваа стратешка област.

Loading