ВМРО-ДПМНЕ ОБВИНУВА: СДСМ ЈА КООРДИНИРА ОРГАНИЗАЦИЈАТА НА ПРОТЕСТОТ НА ССМ

Од политичката партија ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека зад организацијата на протестот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) стојат лица поврзани со СДСМ, тврдејќи дека синдикалниот собир се користи за политички цели.

Од партијата наведуваат дека, според нивни информации од терен, во организацијата на превозот и мобилизацијата на учесници од одредени градови се вклучени лица кои имаат блиски врски со СДСМ. Како пример ја посочуваат Струмица, каде, според нив, за организацијата на луѓе и транспорт бил задолжен Бранко Георгиев, кој во минатото бил раководител во ЈПКД „Комуналец“ во период кога локалната власт била предводена од СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека слична ситуација има и во Куманово. Според нивното соопштение, за логистиката и превозот на учесници од овој град бил ангажиран Оливер Трајковски, за кого велат дека е шеф на штаб на СДСМ во населбата Зелен Рид и вработен во ЈП „Чистота и Зеленило“.

Партијата наведува и дека постојат фотографии од претходни политички активности на кои Трајковски се појавува со кандидатот за градоначалник на Куманово од СДСМ на локалните избори во 2021 година, Оливер Илиевски, како и со носителката на советничката листа Атина Мургашанска.

Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека ваквите примери, како што велат, укажуваат на координација меѓу СДСМ и ССМ, како на централно така и на локално ниво.

„Наместо автентична синдикална борба за правата и платите на работниците, протестот се користи како средство за политички притисок“, наведуваат од партијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека граѓаните и работниците заслужуваат независно синдикално делување и транспарентност околу организацијата на ваквите протести.

Loading