Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, истакна дека институциите на државата во изминатиот период покажале способност навремено и ефикасно да реагираат во сложени кризни ситуации, обезбедувајќи заштита и поддршка за македонските граѓани каде и да се наоѓаат.
Во интервју во емисијата „Вечерното шоу на Богдан“, Муцунски посочи дека изминатата година била исклучително динамична и предизвикувачка за Министерството, кое во неколку наврати се соочило со сериозни безбедносни и логистички операции.

Тој потсети на трагедијата во Кочани, по која институциите учествувале во организацијата на транспорт и лекување во странство на 115 повредени македонски државјани, како и нивно безбедно враќање во земјата. Потоа следувала и кризата на Блискиот Исток меѓу Иран и Израел, кога биле реализирани евакуации на македонски државјани од регионот.
Според министерот, последната операција била особено комплексна поради тоа што македонски граѓани престојуваат во повеќе држави во регионот, меѓу кои Обединетите Арапски Емирати, Кувајт, Бахреин, Саудиска Арабија, Катар и Израел.

Муцунски нагласи дека институциите успешно се справиле со сите три кризни ситуации, што, како што рече, го потврдуваат и позитивните реакции од граѓаните кои биле директно опфатени со операциите.
Во рамки на организираните активности биле реализирани четири евакуациони летови со кои биле пренесени вкупно 458 лица. Од нив 380 биле македонски државјани, а 78 странски државјани.
„Некогаш бевме држава која бараше поддршка и солидарност. Денес сме држава која може да им помогне на своите соседи и партнери во тешки моменти“, истакна Муцунски.
Тој додаде дека при вакви операции најважна е безбедноста на граѓаните и дека зад секоја ваква акција стои координација меѓу повеќе институции и дипломатско-конзуларни претставништва.
„Секој македонски граѓанин треба да знае дека државата стои зад него и дека може да смета на поддршка кога тоа е најпотребно“, порача министерот.
![]()

