Една година по трагедијата во Кочани, премиерот Христијан Мицкоски порача дека болката од тој настан останува длабоко врежана во колективната меморија на државата и дека обврската на институциите е да извлечат поуки и да изградат посилен систем.
На отворањето на „Меѓународната конференција за институционалните и клиничките аспекти и решенија по пожарот во Кочани“, што се одржува во Скопје, премиерот истакна дека трагедијата претставува настан кој не се мери со време, туку со болката што ја оставил зад себе.
Според него, несреќата не го погодила само градот Кочани, туку ја потресла целата држава, оставајќи трага во општеството која долго ќе се памети.
„Денес сме овде со чувство на длабока почит кон жртвите и нивните семејства, но и со одговорност да учиме од оваа трагедија. Нашата цел е искуството да го претвориме во знаење, а знаењето во конкретни решенија кои ќе спречат вакви трагедии во иднина“, нагласи Мицкоски.

Тој потсети дека ноќта кога се случила несреќата била исклучително тешка за целата држава, кога информациите за пожарот се ширеле брзо и предизвикувале шок, страв и тага кај граѓаните. Во тие моменти, како што рече, не постоеле политички поделби, туку само грижа за луѓето кои се бореле за живот.
Премиерот откри дека денот на трагедијата бил најтежок и во неговиот личен живот, нагласувајќи дека несреќата се случила само осум месеци откако ја презел функцијата премиер.
„Се поставува прашањето кој е виновен за ова. Одговорот треба да го дадат обвинителството и судовите, но мора да зборуваме и за системот кој со години се создавал и кој очигледно потфрлил“, изјави тој.

Во своето обраќање, Мицкоски ја истакна и големата солидарност што ја покажале граѓаните и институциите веднаш по трагедијата. Тој посебно им се заблагодари на лекарите, медицинските тимови, службите за итна помош и волонтерите кои работеле без престан за спасување на повредените.
Премиерот посочи дека силна поддршка пристигнала и од странство, при што здравствени установи од повеќе европски земји ги отвориле своите врати за лекување на пациентите од Македонија.
Според него, трагедијата во Кочани, покрај болката, ја открила и силата на солидарноста и човечноста.
„Останува нашата обврска да го чуваме споменот на жртвите, да ги поддржиме семејствата и да создадеме систем кој ќе биде посилен од пропустите што доведуваат до вакви трагедии“, порача премиерот.
![]()

