Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, заедно со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски, реализираа повеќе средби во Брисел фокусирани на реформите во агросекторот и европската интеграција на земјата.
Во рамките на посетата, делегацијата се сретна со претставници на Европската комисија, меѓу кои и генералната директорка за земјоделство и рурален развој, при што главни теми биле спроведувањето на програмата ИПАРД III, тековните реформи и зајакнувањето на институционалните капацитети. Од македонска страна било потенцирано дека Владата останува посветена на усогласување со европските стандарди во земјоделството.

Сепак, во јавноста се отвора прашањето дали главната причина за посетата е поврзана со замрзнатите средства од ИПАРД програмата. Според информации од неофицијални извори, целта на разговорите била да се забрза процесот на одмрзнување на средствата, кои беа стопирани поради сомнежи за злоупотреби.
Наводно, македонската делегација побарала од Европската комисија побрза евалуација на доставениот извештај поврзан со случајот што доведе до суспензија на околу 128 милиони евра. Во аргументацијата било наведено дека станува збор за изолиран инцидент, а не за системски проблем, при што институциите реагирале навремено.
Од европска страна не биле прецизирани рокови за завршување на анализата, но била изразена подготвеност процесот да се движи побрзо. Развојот на ситуацијата, сепак, во голема мера ќе зависи и од текот на судските постапки поврзани со случајот.

Блокадата на средствата веќе има сериозни последици врз земјоделците, преработувачката индустрија и малите бизниси во руралните средини. Голем дел од проектите се веќе договорени, но исплатата на средствата доцни, што создава финансиски притисок во секторот.
Покрај темите од земјоделството, Муцунски оствари и средби со високи претставници на Европската Унија, вклучително и еврокомесарката за проширување, каде се разговарало за напредокот во пристапниот процес, реформската агенда и спроведувањето на Планот за раст.
Воедно, министерот одржал брифинг пред претставниците на земјите членки во рамките на Работната група за проширување при Советот на ЕУ, нагласувајќи дека фокусот останува на конкретни резултати и подобрување на животниот стандард.
Посетата била заокружена со средба со високи претставници на Европската комисија задолжени за социјални политики и работни места, при што биле разгледани можностите за дополнително усогласување на социјалните и економските политики со европските практики.
![]()

