ЕДНА ОДЛУКА, ГОЛЕМА ПРИКАЗНА – што следува?

Владата донесе одлука за финансиска поддршка на Град Скопје за реализација на долго најавуваниот проект за брз автобуски превоз (БРТ), со кој значително треба да се подобри јавниот транспорт во главниот град.

Според најавите, проектот опфаќа изградба на две главни линии – една што ќе се протега во правец Исток–Запад и втора што ќе ја поврзува северната со јужната зона на градот. Покрај инфраструктурата, предвидена е и набавка на современи нископодни автобуси на CNG или хибриден погон, со цел поеколошки и поефикасен превоз.

Во рамки на проектот ќе се воведе и напреден патнички информативен систем, поставување на „паметни“ автобуски станици, како и интеграција со постојниот систем за управување со сообраќајот во Скопје.

Финансирањето ќе се обезбеди преку заем од 70 милиони евра од Европската банка за обнова и развој (ЕБРД), а средствата Владата ќе ги пренесе на Град Скопје како неповратна поддршка.

Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, информираше дека со оваа одлука институциите обезбедуваат силна и конкретна поддршка за модернизација на јавниот превоз, што треба да донесе побрзо, поудобно и поодржливо движење низ градот.

Loading