Во јавноста се интензивираат шпекулациите за потенцијални промени во рамките на владејачкото мнозинство, откако опозициски партии изнесоа тврдења дека дел од функционерите во власта се незадоволни и размислуваат за политички потези.
Од СДСМ и ДУИ посочуваат дека не се исклучени одредени движења на политичката сцена, но потенцираат дека евентуалните промени не мора да започнат од Собранието, туку може да се одвиваат и во други сегменти од институционалниот систем. Од ДУИ нагласуваат дека нивната партиска структура останува стабилна.
Во меѓувреме, изјавите на Венко Филипче за наводни разговори со пратеници од ЗНАМ предизвикаа реакции од оваа партија. Од таму децидно тврдат дека нивната пратеничка група функционира единствено и без внатрешни поделби, упатувајќи му порака на Филипче да се насочи кон состојбите во сопствените редови.

Од ВМРО-ДПМНЕ пак оценуваат дека најавите за проширување на пратеничката група на СДСМ се неосновани и дека партијата се соочува со континуиран пад. Според нив, раководството на Филипче ја следи политичката линија на Зоран Заев.
Од „Бихаќка“ возвраќаат со критики кон премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, обвинувајќи го дека неговите политики негативно се одразуваат врз перспективите на младите.
И покрај зголемениот интерес за ова прашање, претседателот на Собранието, Африм Гаши, информираше дека засега нема официјални промени во однос на парламентарното мнозинство, но доколку дојде до такви, јавноста ќе биде благовремено известена.
![]()

