МКД.мк и агенцијата Маркет Вижн остро реагираа на изјавите на лидерот на Левица, Димитар Апасиев, дадени во телевизиско интервју, оценувајќи дека неговото толкување на анкетните резултати е методолошки неточно и потенцијално манипулативно.
Според реакцијата, проблемот произлегува од начинот на кој Апасиев ги споредувал податоците од анкетата со реалните изборни резултати. Тој, како што посочуваат, користел збирни податоци кои ги вклучуваат сите испитаници – дури и оние кои изјавиле дека нема да гласаат, се неопределени или не сакале да откријат за кого би гласале.

Од Маркет Вижн објаснуваат дека ваквиот пристап е погрешен кога се прави проекција на изборен резултат. Во стандардната методологија, од вкупниот примерок се исклучуваат испитаниците кои нема да излезат на гласање или немаат конкретен избор, со цел да се добие пореална слика за распределбата на гласовите.
Токму со примена на оваа методологија, велат тие, анкетата од септември 2025 година предвидела резултат за Левица од 6,9 проценти. Официјалните податоци од изборите покажуваат дека партијата освоила околу 6,7 проценти од гласовите, што, според нив, укажува на висока прецизност на истражувањето.
Дополнително, тие нагласуваат дека ваквото минимално отстапување е во рамки на статистичка грешка и дури може да се смета дека анкетата благо го преценила резултатот на партијата.
Во реакцијата се истакнува дека бројките јасно ја потврдуваат професионалноста на агенцијата, а воедно се упатува и порака дека стојат на располагање за дополнително објаснување на статистичките принципи и правилно толкување на анкетите.
![]()

