ОД КАДЕ ЗНАМ ГО „ПРОЧИТА“ СЦЕНАРИОТО НА СДСМ? СТАРИ ШЕМИ ИЛИ НОВ ПЛАН ЗА БОЈКОТ?

Во македонската политика ретко има вистински изненадувања, особено кога актери што произлегуваат од иста политичка матрица почнуваат меѓусебно да се обвинуваат за сценарија што добро им се познати. Кога новоформирани структури ги „читаат“ потезите на старите партии, тоа често не е случајност, туку препознавање на веќе видени модели на политичко дејствување. Во таа насока, Движењето ЗНАМ отвори сериозни сомнежи дека СДСМ подготвува сценарио што може да ја турне државата во нова институционална криза.

ЗНАМ ја обвини СДСМ и нејзиниот лидер Венко Филипче за неодговорно и блокирачко однесување во политичките процеси, при што алармираат дека зад ваквите потези стои страв од изборен пораз и обид за внатрепартиско консолидирање.

Портпаролот на ЗНАМ, Никола Мемов, посочи дека во последниот период се забележуваат уцени и деструктивен пристап, особено во контекст на измените на Законот за Владата. Според него, јасно е дека техничката влада би важела само за следните парламентарни избори, по што овој модел би бил укинат.

„Јавно прашуваме: од каде произлегува ваквото однесување? Дали сме сведоци на подготовка на сценарио за целосна блокада на работната група за Изборниот законик? И дали следниот чекор ќе биде напуштање на Собранието со крајна цел – бојкот на изборите?“ – изјави Мемов.

По ваквите обвинувања, од СДСМ возвратија со остар тон, оценувајќи дека ЗНАМ нема политичка тежина ниту јасен идентитет. Според нив, станува збор за партија без идеологија и програма, која служи како инструмент за слабеење на опозицијата.

„ЗНАМ нема став, нема правец и не знае каде припаѓа. Тоа е сателитска структура создадена со една цел – да ја разедини опозицијата,“ реагираа од СДСМ.

Во меѓувреме, ЗНАМ сè уште нема официјален став за законот за двојно државјанство. Од партијата велат дека нивната позиција ќе биде дефинирана по завршување на јавната расправа и утврдување на конечниот текст.

Покрај тоа, тие предлагаат сериозни измени во изборниот систем: 90 пратеници, една изборна единица, изборен праг од 2–3% и нов модел на финансирање на партиите. Овие предлози, според нив, треба да се разгледаат во рамки на пошироки уставни измени.

Целокупната ситуација укажува на продлабочување на политичките судири, каде меѓусебните обвинувања веќе не се само реторика, туку сигнал за можни потези што би можеле да ја дефинираат идната политичка сцена.

Loading