Претседателот на Венко Филипче и лидер на СДСМ оцени дека процесот на приближување на државата кон Европската Унија е сериозно забавен, што, според него, директно се одразува врз иднината на младите.
Говорејќи на дебата организирана од Институтот за европска политика, Филипче посочи дека сè повеќе млади луѓе се одлучуваат да ја напуштат земјата, а дел од нив бараат и странски пасоши како начин полесно да заминат и да се вработат во странство.
Тој нагласи дека во јавноста се создава погрешна слика дека европските договори претставуваат закана за националните интереси. Според него, ваквите тврдења предизвикуваат непотребен страв кај граѓаните, особено кога станува збор за уставните измени и нивното влијание врз јазикот и идентитетот.
„Македонскиот јазик и идентитет не се доведени во прашање. Договорите со Европската Унија се потпишани на македонски јазик, без дополнителни објаснувања“, истакна Филипче.

Тој додаде дека причините за застојот во евроинтеграциите се наоѓаат во внатрешните политички интереси, а не во надворешни пречки. Според него, ваквата состојба овозможува задржување на влијанието врз институциите, без соодветен надзор.
Филипче обвини и за политички притисоци врз правосудниот систем и медиумите, што, како што рече, ја намалува довербата кај граѓаните и ја продлабочува институционалната нестабилност.
Тој смета дека уставните измени се неопходен чекор за отворање на преговорите со Европската Унија, што би овозможило пристап до европските фондови и би придонело за економски развој, подобрување на инфраструктурата, како и напредок во образованието и здравството.
Воедно, нагласи дека по усвојувањето на измените, преговорите би се одвивале по поглавја, што би донело конкретни резултати и придобивки за граѓаните.
Филипче заклучи дека без вистинска посветеност на реформите, евроинтегративниот процес ќе остане заглавен, а негативните трендови, како иселувањето на младите, ќе продолжат.
![]()

