Политичката сцена повторно се претвора во арена за меѓусебни обвинувања, додека граѓаните остануваат без конкретен одговор како државата ќе излезе од ќорсокакот на евроинтеграциите. Наместо конструктивен дијалог и државнички пристап, опозициската СДСМ продолжува со жестока реторика кон власта, обидувајќи се вината за застојот на европскиот пат целосно да ја префрли кај ВМРО-ДПМНЕ. Во меѓувреме, владејачката партија возвраќа дека токму СДСМ е подготвена повторно да прави отстапки на штета на македонските национални интереси.
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, обвини дека актуелната власт свесно ја турка Македонија кон изолација со цел, како што рече, да ја заштити „криминалната банда“ и да го блокира европскиот пат на државата.
„Македонскиот национален идентитет не го загрозуваат малцинствата во Уставот. Македонскиот национален идентитет го загрозуваат криминалот и корупцијата. Христијан Мицкоски и неговата криминална група мора да разберат дека граѓаните гледаат што прават. Намерно сакаат да ја изолираат државата од Европа за да ја зачуваат својата власт“, изјави Филипче.
Од ВМРО-ДПМНЕ веднаш возвратија со остри реакции, оценувајќи дека Филипче ја продолжува политиката на поранешниот премиер Зоран Заев и е подготвен да ги прифати бугарските барања на штета на Македонија.

Портпаролот Валентин Манасиевски истакна дека СДСМ повторно застанува на страна на политики кои, според него, се спротивни на националните интереси.
„Кога е потребен јасен став во одбрана на македонските интереси, Венко Филипче избра спротивен пат. СДСМ испраќа порака дека доколку повторно дојде на власт, ќе ги спроведе уставните измени и ќе прифати политики согласно барањата на Бугарија“, порача Манасиевски.
Тензиите меѓу власта и опозицијата беа видливи и на вчерашното одбележување на 9 Мај – Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа. Премиерот Христијан Мицкоски порача дека никогаш нема да прави компромиси со македонскиот идентитет и повика на национално обединување.
Од друга страна, Филипче оцени дека Македонија се претвора во „Венецуела на Балканот“, обвинувајќи дека власта само бара изговори за да не ги реализира уставните измени кои се услов за продолжување на евроинтегративниот процес.
![]()

