Политичките тензии повторно се прелеваат врз реформските процеси во државата, а опструкциите на СДСМ околу работата на Работната група за измени на Изборниот законик отвораат нови дилеми за иднината на изборните реформи. Иако станува збор за процес кој е директно поврзан со европската агенда и исполнувањето на реформските обврски, најголемата опозициска партија останува на ставот дека нема да учествува во работата, што дополнително ја усложнува состојбата.
Во обид да се надмине блокадата, Министерството за правда денеска организира нова средба на членовите на Работната група, закажана за 13 часот. Состанокот треба да покаже дали ќе има услови за продолжување на работата на измените на Изборниот законик или процесот повторно ќе биде ставен во мирување.
Досега беа одложени две средби по одлуката на СДСМ да ја бојкотира работата на групата поради незадоволството од укинувањето на таканаречената пржинска влада. Од Министерството за правда информираат дека до минатата недела не било доставено официјално писмено известување од СДСМ за напуштање на работната група.
Според актуелните најави, тешко е да се очекува претставниците на СДСМ да се појават на денешната седница. Членот на работната група од редовите на оваа партија, Оливер Спасовски, неодамна изјави дека нивниот став останува непроменет и дека нема да учествуваат во процесот.

Со тоа останува неизвесно дали групата ќе продолжи со работа без опозициската партија или повторно ќе следува одложување на седницата.
Од Министерството за правда потсетуваат дека, согласно Деловникот, одлуките во Работната група се носат со консензус, а седниците можат да се одржат доколку присуствува мнозинство од членовите.
Министерот за правда Игор Филков предупреди дека блокадите можат сериозно да се одразат врз реформскиот процес и европските обврски на државата.
– Со неодговорното однесување и неучеството на СДСМ во работната група за реформа на изборното законодавство, директно е загрозено добивањето на 4,281 милиони евра, а со блокадата на Законот за Јавно обвинителство дополнителни 6,422 милиони евра. Станува збор за средства кои можат значително да помогнат во реформите и подобрувањето на состојбите во правосудството – истакна Филков.
![]()

