Во држава во која довербата на граѓаните во институциите одамна е разнишана, сè потешко станува да се најде личност што ќе биде навистина независна, професионална и неподложна на политички или бизнис влианија. Особено кога станува збор за институција како Државната комисија за спречување на корупцијата, од која јавноста очекува бескомпромисна борба против злоупотребите и судирите на интереси.
Токму затоа, изборот на нов член на Антикорупциската комисија повторно го отвора прашањето – дали Македонија навистина има кадар што ќе работи во интерес на јавноста, а не на политичките центри на моќ.
Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата денеска треба да ги соопшти имињата на кандидатите кои ќе бидат предложени до Собранието за избор на нов член на Државната комисија за спречување на корупцијата.

Според информациите од спроведените интервјуа, највисоко рангирана е Катерина Зајковска. По неа следуваат Милка Муратовска, Тања Левајковиќ и Владимир Клековски.
Избраниот кандидат ќе го заземе местото на Цвета Ристовска, која поднесе оставка по контроверзиите поврзани со финансирањето на политичките партии. Случајот предизвика силни реакции во јавноста откако беа објавени информации дека фирми на нејзините деца работеле со извори поврзани со партиски финансии.
Очекувањата сега се новиот член на Антикорупциската комисија да придонесе за враќање на довербата во институцијата, која во изминатиот период беше под сериозен притисок од јавноста и политичките случувања.
![]()

