ФИЛИПЧЕ ФРЛИ РАКАВИЦА: ГРАЃАНИТЕ ДА ОДЛУЧАТ ЗА ЕВРОПСКАТА ИДНИНА

Владата смета дека спроведувањето на Реформската агенда е најсилен доказ дека државата останува на европскиот пат, откако лидерот на СДСМ, Венко Филипче, побара распишување референдум за членството на Македонија во Европската Унија.

Од Владата порачаа дека нема потреба од ново изјаснување на граѓаните, оценувајќи дека отворањето на европските фондови преку Реформската агенда ја потврдува определбата на кабинетот предводен од премиерот Христијан Мицкоски за интеграција во ЕУ. Во реакцијата, власта упати критики кон СДСМ, потсетувајќи на референдумот од 2018 година и обвинувајќи ја опозициската партија дека со своите политики го ослабувала македонскиот идентитет.

„Нема потреба повторно да се трошат време и средства на граѓаните. Европската ориентација на оваа Влада е јасно видлива преку реформите и пристапот кон европските фондови“, наведуваат од Владата.

Претходно, на прес-конференција, лидерот на СДСМ Венко Филипче изјави дека граѓаните треба директно да се изјаснат дали ја поддржуваат актуелната политика на Владата во однос на европските интеграции.

Според него, станува збор за прашање кое ја засега иднината на сите граѓани и не смее да биде одлука на поединци.

„Ова е одлука што ќе влијае врз иднината на секое семејство и секој млад човек во државата. Затоа граѓаните треба сами да одлучат по кој пат ќе се движи Македонија“, порача Филипче. Тој ја обвини власта дека ја оддалечува државата од европските процеси и дека преку политички конфликти и поделби се обидува да го дефокусира вниманието од, како што рече, проблемите со криминалот и корупцијата.

Филипче оцени дека јавноста веќе ја препознава политичката реторика и пропагандата, додавајќи дека на државата ѝ е потребен јасен европски правец и стабилност.

Loading