МАКЕДОНИЈА МЕЃУ ТУЃИ АГЕНДИ И ДОМАШНА СЕРВИЛНОСТ – „МАКЕДОНСКА РОБОТИКА“

ТИВКОТО РАСПАЃАЊЕ НА МАКЕДОНСКАТА СВЕСТ

Македонија денес не ја разоруваат ниту тенкови, ниту војни, ниту странски армии. Ја разорува сопствениот народ  со рамнодушност, со сервилност и со морбидна подготвеност да ги брани туѓите интереси посилно отколку сопствените. Трагедијата на оваа држава повеќе не е само политичка или економска; таа е духовна и национална. Се создава општество во кое македонскиот интерес станува предмет на потсмев, а туѓите национални агенди се третираат како света вистина.

Никогаш во поновата историја Македонија немала толку многу луѓе кои со таква леснотија се откажуваат од сопствениот идентитет, од сопствената историја и од сопственото достоинство. И тоа не под притисок на окупација, туку доброволно  од страв да не бидат наречени „националисти“, „ретроградни“ или „неевропски“. Денес, да се брани македонската национална позиција стана речиси сомнително, додека да се повторуваат туѓи пропаганди се претставува како интелектуална зрелост.

Сликата од Куманово, каде дел од луѓето со воодушевување му аплаудираа на Александар Вучиќ, не беше обична политичка симпатија. Тоа беше понижување. Симболичка капитулација на едно општество кое повеќе нема чувство за сопствена политичка тежина. Народ кој во сопствена држава со поголема страст слави туѓ лидер отколку што ги брани сопствените национални позиции, одамна престанал да биде политички зрел народ.

Во таа морничава атмосфера на национална конфузија, Македонија сè повеќе наликува на општество што доброволно го исклучува сопствениот разум. Наместо држава со јасна свест за сопствените интереси, добиваме маса луѓе кои механички повторуваат туѓи агенди, како да им е избришан секој инстинкт за самозаштита. Денес веќе не е прашање само на политика туку на психолошка и цивилизациска деформација.

И токму тука доаѓа најстрашната споредба: Македонија почнува да личи на лабораторија за програмирано однесување. Како роботите во Кина што се програмирани да играат српско коло – механички, без емоција, без разбирање, без свест за симболиката што ја изведуваат  така и дел од македонското општество денес механички аплаудира на туѓи политики, туѓи митови и туѓи национални проекти. Без критичка мисла. Без отпор. Без чувство дека со секој таков чин се брише уште еден дел од македонскиот идентитет.

Уште пострашно е што денес без речиси никаков отпор се прифаќаат бугарските навреди и историски фалсификати. Сѐ почесто се слушаат гласови кои кукавички потврдуваат дека Македонците и Бугарите биле „еден народ“, како да станува збор за академска дебата, а не за директно негирање на македонската нација. Само во Македонија ваквата национална самонегација се продава како „мудрост“ и „европејство“.

Во меѓувреме, дел од албанските политички партии во Македонија одамна престанаа да се однесуваат како фактори на македонската држава, а сѐ повеќе како продолжени политички експозитури на Приштина и Тирана. Наместо лојалност кон државата во која учествуваат во власта, се демонстрира политичка и емоционална зависност од регионални етнички центри. И најстрашното е што македонската јавност веќе речиси и не реагира. Се навикна на сопственото понижување.

Македонија станува држава во која секој се бори за туѓа кауза, освен за македонската. Едни плачат за српски лидери, други за бугарски историски тези, трети за косовски политички проекти ,а кога треба да се зборува за македонските национални интереси, тогаш настанува молк. Страв. Самоцензура.

Тоа е најопасната фаза на еден народ: кога повеќе не му треба надворешен непријател, затоа што самиот почнал да се распаѓа одвнатре.

Држава не се губи само со војна. Држава се губи кога народот ќе престане да верува дека вреди да ја брани. Кога ќе почне да се извинува што постои. Кога ќе му стане поважно што мислат Белград, Софија или Приштина отколку што чувствува сопствениот народ.

А Македонија опасно се приближува токму до таа точка – точката во која националната капитулација повеќе не доаѓа со сила, туку со аплауз.

Loading