Изборот на компанија која треба да го гради преостанатиот дел од автопатот Скопје–Блаце предизвика нов политички судир меѓу ВЛЕН и ДУИ. Проектот, кој со години се најавува како една од најважните патни врски кон Косово, повторно се најде во центарот на партиските препукувања.
Од ВЛЕН порачаа дека автопатот конечно влегува во фаза на реализација и обвинија дека претходните политички гарнитури со години го оставале проектот само како ветување. Според нив, она што не било завршено повеќе од две децении, сега треба да биде реализирано во рок од 24 месеци.
Од партијата нагласуваат дека станува збор за стратешка инвестиција, не само во патна инфраструктура, туку и во економското поврзување со Косово, олеснување на движењето на граѓаните и побрз транспорт на стоки. ВЛЕН оценува дека проектот ќе отвори нови можности за бизнисите и ќе ја зајакне регионалната соработка.

ДУИ, пак, реагираше со тврдење дека автопатот Скопје–Блаце не е нов проект, туку проект кој, како што велат, бил осмислен, обезбеден и подготвен во периодот кога тие биле дел од власта. Од партијата обвинија дека во изминатиот период имало блокади, контрадикторни изјави и обиди проектот да се претстави како нова иницијатива.
Според ДУИ, клучен чекор била изградбата на првите два километри од автопатот, со што, како што наведуваат, практично се обезбедило трасата да не може да се сведе на обичен магистрален пат. Тие тврдат дека токму тој почетен дел бил гаранција дека проектот ќе остане автопатско решение.
Од ДУИ дополнително наведуваат дека тендерските постапки биле спроведени претходно, при што интерес покажале повеќе компании, а новата власт, според нив, само го наследила процесот и требало да го избере изведувачот.
Политичката размена следува откако владините претставници, по средбата со директорот на Европската банка за обнова и развој, Фатих Туркменоглу, соопштија дека градежните активности на оваа делница се очекува да започнат во јули.
Автопатот Скопје–Блаце со години се посочува како инфраструктурен проект од големо значење за Македонија, пред сè поради поврзувањето со Косово, регионалната трговија и побрзиот проток на луѓе и стоки.
![]()

