ОАЗА ОД 8 МИЛИОНИ ЕВРА ВО ИЛИНДЕН: ДАЛИ ОВА Е НОВИОТ СТАНДАРД ЗА ДОСТОИНСТВЕНА СТАРОСТ?

Во Општина Илинден вчера беше пуштен во употреба новиот Дом за стари лица „ПУСЗ Оаза by Adora“, приватна инвестиција на „Адора Бизнис Групација“ вредна околу 8 милиони евра. Станува збор за современ комплекс наменет за згрижување и нега на повозрасни лица, кој според капацитетот и условите се вбројува меѓу најголемите и најмодерните објекти од ваков тип во регионот.

На свеченото отворање присуствуваше и премиерот Христијан Мицкоски, кој ја поздрави инвестицијата, оценувајќи дека ваквите проекти имаат директно значење за подобрување на квалитетот на живот на граѓаните и претставуваат пример за општествено одговорно претприемништво.

Комплексот има капацитет за сместување на 150 корисници, а во почетната фаза е предвидено згрижување на 64 лица. Концептот на работа е насочен кон целосна здравствена, социјална и психофизичка поддршка, со цел повозрасните лица да добијат безбедна, достоинствена и активна секојдневна грижа.

Во рамките на домот функционира сопствена амбуланта „Оаза Медика“, амбулантно возило, модерно опремена сала за физикална терапија, фризерско студио, како и „Оаза“ кафе-бар наменет за корисниците, нивните семејства и посетителите. Дополнително, дел од комплексот е и „Парк Оаза“, уреден зелен простор предвиден за прошетки, одмор, рекреација и социјални активности.

Објектот се простира на околу 8.000 квадратни метри, од кои повеќе од 3.000 квадратни метри се зелени површини. Изграден е како самостоен, енергетски ефикасен комплекс, со современи технички решенија и соларни панели. Според инвеститорот, концептот е развиван врз основа на европски искуства и модели, вклучително и преку посети на слични установи во Италија и Швајцарија.

Сместувањето е прилагодено за лица со различен степен на зависност и здравствени потреби, со можност за краткотраен и долготраен престој. Во домот е предвиден и посебен оддел за лица со деменција, каде што ќе се обезбедува специјализирана нега во терапевтска средина, со примена на музикотерапија, ароматерапија и техники за поттикнување на сеќавањата преку препознатливи звуци и мириси.

Премиерот Мицкоски во своето обраќање истакна дека Владата ќе продолжи да ги поддржува приватните иницијативи кои создаваат додадена вредност за општеството.

„Наша цел и задача како Влада е да поддржуваме приватни иницијативи, особено кога тие имаат цел да го олеснат животот и да го зголемат квалитетот на животот на нашите сограѓани“, порача Мицкоски.

Тој упати честитки до инвеститорот, нагласувајќи дека луѓето кои вложуваат во вакви проекти отвораат нови работни места и придонесуваат за економскиот развој.

Според Мицкоски, успешниот бизнис и успешната држава се поврзани процеси, бидејќи, како што рече, колку е поуспешен бизнисот, толку е поуспешна и државата, а стабилната држава создава подобри услови за развој на бизнисот.

Loading