Разговорите околу најавената реконструкција на Владата продолжуваат, а според најавите, денеска на ред е средбата со претставници на ЗНАМ. Од оваа партија веќе испратија порака дека нивните министри и функционери успешно ги извршуваат задачите и дека немаат дилема околу нивниот досегашен ангажман.
Министерот за јавна администрација Горан Минчев, кој доаѓа од редовите на ЗНАМ, во интервју за Канал 5 изјави дека партијата веќе направила детална анализа на двегодишното работење на своите кадри. Според него, евалуацијата покажала дека министрите, замениците, директорите и останатите функционери предложени од ЗНАМ одговорно и квалитетно ја вршат својата работа.
Овие ставови доаѓаат во период кога премиерот Христијан Мицкоски јавно најави дека ќе има промени во владиниот тим. Во обраќањето по повод роденденот на ВМРО-ДПМНЕ, тој порача дека кај дел од функционерите се забележува оддалечување од граѓаните и од принципите врз кои била формирана Владата.
Мицкоски тогаш истакна дека внимателно ја следи работата на институциите и дека до него пристигнуваат забелешки за недоволна достапност на одредени министри и директори. Според него, функциите не смеат да бидат простор за привилегии, туку обврска за служба кон граѓаните.

Премиерот нагласи дека секој функционер мора да биде присутен на терен, отворен за проблемите на народот и посветен на исполнување на владината програма. Тој порача дека нема да има толеранција за неодговорност, неажурност и отстапување од преземените обврски.
„Сите отстапувања прецизно ги нотирам и ќе има промени. Тие промени треба да ги подобрат капацитетите и да го дадат максимумот од секој поединец. Сакам секој од вас да остане посветен на народот, достапен и чесен“, порача Мицкоски.
Како главни критериуми за можната реконструкција се посочуваат ефикасноста, исполнувањето на програмските цели, достапноста до граѓаните и целосната посветеност на работата. Засега нема официјални детали за текот на разговорите, а од Владата информираат дека процесот е во рана и чувствителна фаза.
Оттаму додаваат дека јавноста ќе биде навремено информирана кога ќе има конкретни одлуки. Според Владата, станува збор за процес што бара сериозен и одговорен пристап, поради што во моментов не се соопштуваат дополнителни информации.
![]()

