ПРАЈДОТ ДОАЃА, СПИСОКОТ МОЛЧИ: КОЈ ОД ПОЛИТИКАТА ЌЕ ЗАСТАНЕ ВО ПОВОРКАТА?

Денешниот Скопје прајд не носи само марш под мотото „Сите нека знаат“, туку и едно политички чувствително прашање: кој ќе биде видлив покрај видливоста?

Низ годините, Парадата на гордоста имаше поддршка од повеќе политички фигури, меѓу кои Стево Пендаровски, Радмила Шекеринска, Бисера Костадиновска-Стојчевска, Бојан Маричиќ и други претставници главно од кругови блиски до СДСМ и поранешната власт.

Но, годинава дилемата е поинаква – дали поддршката ќе продолжи и кога политичките околности се сменети, или некои пораки ќе останат само дел од минатите фотографии, говори и симболични појавувања?

Под мотото „Сите нека знаат“, денешниот марш станува и огледало за политиката: кој ќе застане јавно, кој ќе се огласи од дистанца, а кој ќе молчи кога темата бара став.

Во Скопје денеска ќе се одржи седмото издание на Скопје прајд, настан посветен на промоција на еднаквоста, човековите права и видливоста на ЛГБТИК+ заедницата.

Собирот на учесниците е најавен за 18 часот кај фонтаната „Лотосов цвет“ во Градскиот парк, додека протестниот марш треба да започне во 19 часот.

Според најавената маршрута, поворката ќе се движи по булеварот „Илинден“, улицата „Франклин Рузвелт“, булеварот „Партизански одреди“, улицата „Димитрие Чуповски“, а ќе заврши во паркот „Жена Борец“.

Организаторите нагласуваат дека Парадата на гордоста и годинава има протестен карактер и претставува јавен повик за почитување на човековото достоинство, еднаквите можности и безбедноста на сите граѓани.

Скопје прајд го организира Националната мрежа против хомофобија и трансфобија, која од 2014 година обединува организации, активисти и поддржувачи што работат на унапредување на правата на ЛГБТИК+ лицата во земјава.

Во рамки на годинашните активности се одржува и фестивалот „Викенд на гордоста – Скопје“, преку кој со изложби, културни настани и јавни дебати се отвораат прашањата за различностите, човековите права, инклузијата и општествената еднаквост.

Годинашното мото „Сите нека знаат“ испраќа порака дека видливоста не е само симболичен чин, туку барање за општествена и институционална одговорност. А во политичка смисла, прашањето останува отворено: дали поддршката за човековите права ќе биде доследна и кога камерите не се таму каде што некогаш беа?

Loading