Либерално-демократската партија остро реагираше на настапот на министерката за образование и наука Весна Јаневска пред првачињата, оценувајќи дека нејзината порака децата да побараат братче или сестриче за повторно да се отворат затворените училишта била непромислена, несоодветна и лишена од емпатија.
Од ЛДП посочуваат дека ваквата изјава може да предизвика непријатност и дополнителна болка кај децата што растат во еднородителски семејства, кај оние што загубиле родител, како и кај семејствата што се соочуваат со инфертилитет или немаат економски услови за повеќе деца.
„Дали министерката помисли дека децата може меѓусебно да си ги поставуваат овие прашања и уште на првиот училиштен ден да создадат предрасуди, чувство на вина и непотребен немир?“, прашуваат од партијата.

Според ЛДП, особено загрижува тоа што ваквата порака доаѓа од професор на Медицинскиот факултет, од кого јавноста очекува поголема чувствителност кон детската психологија и емоционалниот развој на најмладите.
Партијата нагласува дека училиштата во Македонија не се затвораат затоа што децата не побарале братче или сестриче, туку поради демографскиот пад, сиромаштијата, неизвесноста и масовното иселување на младите семејства. Од ЛДП одговорноста за ваквата состојба ја лоцираат и во политиките на актуелната власт.
„Власта треба да се практикува со усул, а кога ќе се направи грешка, таа мора да се признае“, наведуваат од партијата.
ЛДП побара министерката Јаневска и Владата јавно и без одложување да им се извинат на децата и родителите што се почувствувале повредени од изјавата.
![]()

