КРИЗА НЕМА, НО ИЗБОРИТЕ ЛЕБДАТ НАД СОБРАНИЕТО: Кој подготвува терен за предвремено гласање?

Во Македонија нема политичка криза бидејќи парламентарното мнозинство е стабилно, порача премиерот Христијан Мицкоски, коментирајќи ги најавите на ДУИ за блокади и процедурални опструкции во Собранието.

Мицкоски, сепак, не одговори директно дали ваквото однесување на опозицијата би можело да стане повод за распишување предвремени парламентарни избори. На ДУИ им порача да не водат политика на двојни аршини и потсети на периодот кога, како дел од власта со СДСМ, учествувале во изборот на собраниски претседател.

Од опозицискиот табор пристигнаа спротивни оценки. Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, повторно ги критикуваше политиките на Владата, тврдејќи дека тие ја водат државата кон натамошна изолација. Иако претходно порача дека СДСМ нема да послужи како алиби за предвремено соочување со гласачите, Филипче изрази уверување дека, кога и да се одржат изборите, актуелната власт ќе биде испратена „во историјата“.

СДСМ подолг период тврди дека постои договорено сценарио меѓу Мицкоски и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, чија крајна цел би биле предвремени парламентарни избори. Според опозициската партија, најавените блокади и честите процедурални обраќања на пратениците од ДУИ претставуваат почеток на спроведувањето на тоа сценарио.

Од ДУИ, пак, најавуваат дека ќе се спротивстават на законските решенија за кои сметаат дека се спротивни на Охридскиот рамковен договор. Поради ваквите најави, претседателот на Собранието, Африм Гаши, најави дека во рамките на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања ќе биде разгледано дали опозицијата ги злоупотребува процедуралните обраќања и одредбите од Деловникот.

Првата пленарна седница по одморите започнува утре, со дневен ред од 53 точки. Меѓу нив, според најавите, нема законско решение за чие усвојување е потребно двојно, односно Бадентерово мнозинство.

И додека власта уверува дека мнозинството е стабилно, а опозицијата предупредува на политичка и меѓународна изолација, во јавноста останува отворено прашањето: станува ли збор само за засилена политичка реторика или зад собраниските блокади веќе се подготвува терен за нови избори?

Loading