ФИЛИПЧЕ: НЕЗАВИСНОСТА Е ПРАЗНА БЕЗ ДОБАР ЖИВОТ И СИГУРНА ИДНИНА

Македонија плаќа висока цена за застојот на европскиот пат, а изгубеното време значи и изгубени можности за цели генерации. Ова го порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на свечениот настан во Македонската филхармонија, организиран по повод 35 години од независноста на државата.

Во своето обраќање, Филипче оцени дека земјава предолго останува во место, додека другите држави од регионот бележат конкретен напредок во пристапните преговори со Европската Унија.

Како примери ги посочи Албанија, која, според него, до крајот на 2025 година ги отворила сите 33 преговарачки поглавја и веќе започнала со нивно затворање, како и Црна Гора, која до средината на јули имала 18 привремено затворени поглавја. Наспроти тоа, рече Филипче, Македонија сè уште не го отворила ниту првиот кластер, иако некогаш била пред овие земји во евроинтегративниот процес.

– Може секојдневно да се тврди дека е постигната победа затоа што ништо не е направено, но граѓаните на крајот ќе видат кој напредува, а кој стои во место или се движи наназад – порача лидерот на СДСМ.

Според Филипче, изминатите две години власта ја уверувала јавноста дека ќе обезбеди нови услови, поинаква формула или подобра позиција за продолжување на преговорите. Сепак, како што нагласи, европскиот став и во јуни 2026 година останал непроменет, додека соседните држави продолжиле со отворање и затворање на поглавјата.

Тој оцени дека застојот не може да се сведе само на бројки и дипломатски формулации, бидејќи зад секое преговарачко поглавје стојат конкретни реформи што треба да го подобрат секојдневието на граѓаните.

Филипче потенцираше дека европската интеграција не е сопственост на ниту една партија, политички лидер или влада, туку претставува долгорочен државен интерес.

– Зад поглавјата стојат независно судство, администрација што им служи на граѓаните, почиста животна средина, побезбедна храна, подобри патишта и поконкурентни компании. Тоа значи и повеќе европски средства за училиштата, инфраструктурата, енергетиката и дигитализацијата – рече тој.

Според претседателот на СДСМ, суштината на европскиот процес се состои во спроведување реформи, постигнување резултати и обезбедување средства што треба да донесат подобар живот за граѓаните.

Во завршниот дел од обраќањето, Филипче порача дека Македонија нема повеќе простор за нови одложувања и изгубени децении. Тој повика да престане поделбата на „патриоти“ и „предавници“ секогаш кога државата е соочена со тешки одлуки и компромиси.

– Не ни се потребни свечености на кои ќе си докажуваме колку сме успешни, додека нашите деца го бараат својот успех во други држави. Пред 35 години граѓаните ја избраа независноста, а наша задача денес е таа независност да добие вистинска содржина: добар живот, праведно општество, функционална држава и сигурна иднина – истакна Филипче.

Тој додаде дека почитта кон првиот претседател на независна Македонија, Киро Глигоров, не треба да се сведува само на одбележувања и филмски проекции, туку да се покаже преку завршување на европската работа што останала пред сегашните генерации.

Loading