Граѓаните наскоро ќе добијат пристап до личната карта и возачката дозвола во електронска форма преку мобилниот телефон. Новата апликација „м.Услуги“ официјално ќе биде промовирана во октомври, најави министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски во емисијата „Вести плус“ на Канал 5.
Покрај дигиталните верзии на личните документи, во почетната фаза преку апликацијата ќе бидат достапни и две електронски административни услуги. Намерата е граѓаните на едно место да можат полесно да пристапуваат до документите и до услугите на државните институции, без непотребно одење на шалтери.
Според Андоновски, во изминатиот период посебно внимание било посветено на стабилноста на системот, сајбер-безбедноста и заштитата на личните податоци. Се работело и на утврдување на правилата според кои податоците ќе се разменуваат со Министерството за внатрешни работи, како институција надлежна за нивното водење.

Во завршна фаза е усогласувањето на протоколот за размена на податоците, а паралелно продолжува и тестирањето на функционалностите на апликацијата.
„Сакаме, пред апликацијата да стане достапна за сите, да бидеме сигурни дека системот е стабилен, безбеден и едноставен за користење“, посочи Андоновски.
Апликацијата ќе може да се преземе преку платформите App Store и Google Play. Нејзината тест-верзија досега ја презеле околу 6.000 граѓани, кои имаат можност да ги испробаат услугите пред официјалното пуштање во употреба.
Промоцијата на „м.Услуги“ треба да означи нова фаза во дигитализацијата на јавната администрација. Долгорочната цел е мобилниот телефон постепено да прерасне во безбеден дигитален паричник, преку кој граѓаните ќе пристапуваат до личните документи и до сè поголем број државни услуги.
![]()

