МИЦКОСКИ НЕ ГО СПОМНА, ФИЛИПЧЕ САМ СЕ ЈАВИ: Зошто СДСМ се препозна во „талогот“?

Не е највпечатлив зборот „талог“ што го употреби Христијан Мицкоски, туку паничната брзина со која Венко Филипче и СДСМ се препознаа во него. Кога премиерот зборува дека криминалниот талог не смее да стане елита, а опозицијата веднаш возвраќа дека „опозицијата не е талог“, тогаш мора да се постави едноставно прашање: кој ја стави СДСМ во ист кош со криминалците – Мицкоски или самата СДСМ?

Мицкоски не го спомна Филипче. Не ја именуваше СДСМ. Не рече дека граѓаните, медиумите или критичарите се „талог“. Но, Филипче и неговата партија веднаш се поставија како директно прозвани. Како да слушнале сопствено име во реченица во која воопшто не биле именувани.

Во политиката ваквото самопрепознавање ретко е случајно. Уште поретко е уверливо кога партија што со години беше на власт се обидува секоја најава за расчистување со криминалот да ја претстави како закана за демократијата. Ако критиката е насочена кон криминалните структури, зошто Филипче се однесува како да е упатена кон него?

СДСМ вчера реагираше на говорот на премиерот на прославата по повод 35 години независна Македонија, обвинувајќи го за лицемерие, закани и копирање на реториката на српскиот претседател Александар Вучиќ.

„На прославата за 35 години независна Македонија, Мицкоски побара ‘да не се делиме’, па веднаш се закани дека ќе ‘расчистува со талогот’ и седна до државниот обвинител Ненад Савески. Исто како менторот Вучиќ. Повторно копи-пејст. Прво навредување, а потоа повик на единство. Хипокризија во најчиста форма“, соопштија од СДСМ.

Но, вистинската хипокризија е да повикуваш криминалците да одговараат, а истовремено секоја порака за борба против криминалот да ја претставуваш како политички прогон. Не може борбата против криминалот да биде демократска вредност само кога ја најавува СДСМ, а „фашистичка реторика“ кога ја најавува политичкиот противник.

Од СДСМ оценија дека Мицкоски најпрво зборувал за единство, жртвите и иднината, а потоа ја активирал, како што велат, „истата стара фашистичка реторика на ‘талог’“.

Лесното лепење на етикетата „фашизам“ не е доказ за демократска зрелост. Тоа е обид со најтешка можна квалификација да се задуши суштинското прашање: на кого точно се однесува пораката дека талогот не смее да стане елита и зошто СДСМ толку жестоко се почувствува погодена од неа?

Според опозициската партија, дополнителен доказ за наводната закана било тоа што Мицкоски седел до државниот обвинител.

„Ова не е државнички говор. Ова е отворена закана. Ова е порака: ние ги контролираме институциите, ние ќе ‘расчистуваме’, ние одлучуваме кој е талог“, порачаа од СДСМ.

Распоредот на седење на државна прослава, сепак, не е доказ за контрола врз обвинителството. Ако СДСМ располага со докази дека премиерот ги контролира обвинителите, должен е да ги објави. Ако нема, тогаш фотографијата од двајца функционери што седат еден до друг е само декор за однапред напишана приказна за политички прогон.

Особено е невкусно обвинителството да се вовлекува во партиска пресметка само затоа што државниот обвинител седел во близина на премиерот. Со таквата логика, секој протоколарен распоред би можел да стане „доказ“ за заговор, а секоја фотографија – обвинителен акт.

СДСМ во реакцијата ја обвини Владата за криминални тендери, задолжувања, мито, поделби и заплашување на критичарите и медиумите.

„Граѓаните не се талог. Опозицијата не е талог. Критичарите не се талог. Талог е оној што ја злоупотребува власта, што ги дели луѓето, што седи до обвинителот и испраќа закани на денот на независноста“, соопштија од партијата.

Граѓаните навистина не се талог. Ниту критичарите се талог. Но никој и не тврдеше такво нешто. Тоа поистоветување го направи самата СДСМ, ставајќи ги граѓаните, опозицијата и критичарите во реченица што се однесува на криминалната елита.

Токму во тоа се гледа провидноста на маневарот: прво самите се сместуваат меѓу наводно нападнатите, а потоа се прогласуваат за нивни заштитници. Така, наместо да одговорат дали криминалците треба да бидат расчистени од институциите, тие отвораат дебата дали некој ги навредил.

Може да се разговара дали зборот „талог“ е премногу тежок за говор на премиер и дали ваквата терминологија придонесува за политичко единство. Но, сосема друго е партијата сама да се препознае во тој збор, а потоа да го обвини говорникот дека ја посочил.

СДСМ соопшти дека ќе продолжи да ги брани демократијата, слободата на говор и правото на секој граѓанин да не биде обележан само затоа што мисли поинаку.

„Народот ќе победи. Криминалците ќе одговараат. Власта ќе биде вратена на граѓаните“, порачаа од партијата.

На крајот, СДСМ го повтори токму она што го оспорува – дека криминалците треба да одговараат. Значи, проблемот не е во принципот, туку во тоа кој го изговара. Кога Филипче најавува одговорност, тоа е борба за демократија. Кога Мицкоски зборува за расчистување со криминалниот талог, тогаш тоа наеднаш станува фашизам и закана.

Затоа прашањето останува отворено: ако Филипче не се смета себеси за дел од криминалниот талог, зошто толку брзо се јави како лично прозван?

Понекогаш политичката совест најгласно се открива токму кога никој не ја повикал да се брани.

Loading