ДОГОВОРОТ НЕ СЕ ПОЈАВИ НА БИС: СДСМ бара отчет за настапот на Дејвид Гета

Според логиката на СДСМ, на спектаклот со Дејвид Гета му недостигал уште само еден сценски ефект – на големите екрани, меѓу ласерите и пиротехниката, да биде проектиран и договорот за неговиот настап, ставка по ставка, заедно со конечната фактура.

Иако билетите за прославата симболично се продаваа по 35 денари, по повод 35 години независност на Македонија, опозициската партија отвори прашања за вкупната цена на организацијата. СДСМ изнесе процени за милионски трошоци и побара од Владата да ги објави деталите за потрошените средства и постапката за избор на организаторот.

„Дури и Денот на независноста криминалната власт го извалка. Организатор на настан по повод 35 години од независноста, платен со пари на граѓаните, се однесува дрско кон новинарите и кон јавноста и не одговара на прашањето колку народни пари ќе бидат потрошени“, велат од СДСМ.

Од партијата оценуваат дека таквиот однос заслужува осуда, нагласувајќи дека граѓаните имаат право да знаат како се трошат буџетските средства, а новинарите слободно да поставуваат прашања.

„Владата на Мицкоски, наместо ароганција, има обврска да им каже на граѓаните колку пари ги чини прославата по повод 35 години од независноста“, порачуваат од СДСМ.

Според нивните тврдења, само настапот на Дејвид Гета чинел најмалку еден милион евра. Од партијата додаваат дека, доколку на тоа се пресметаат сцената, озвучувањето, обезбедувањето, придружните изведувачи и останатите активности, вкупната сума би можела да достигне околу пет милиони евра.

СДСМ прашува како била донесена одлуката за трошење толкава сума и врз основа на каква постапка бил избран организаторот на државната прослава. Изнесените суми засега се партиски процени, бидејќи во соопштението не се приложени договори, фактури или други документи со кои тие би биле потврдени.

Од опозициската партија изнесоа тврдење и дека компанијата „Авалон“, која ја посочуваат како организатор, има блокирана сметка и се наоѓа на листата на должници на Управата за јавни приходи.

„Како е одлучено токму таа фирма да организира државна манифестација, без јавен повик и без тендер? Јавноста и граѓаните очекуваат одговори“, велат од СДСМ.

Партијата го поврза случајот и со односот на власта кон новинарите и јавноста, оценувајќи дека граѓаните, наместо навреди и дрскост, заслужуваат отчетност.

„За жал, дрскоста и навредите кон граѓаните и кон новинарите се одлика на оваа влада и на нејзиниот однос кон народот. Влада која својот народ го нарекува ‘талог’ вака се однесува“, се наведува во соопштението на СДСМ.

Loading