Финска најсреќна земја, а каде е Македонија според квалитетот на живот?

Како е рангирана Македонија на светската листа на среќа?

Финска осма година по ред е прогласена за најсреќна земја во светот, но како стои Македонија на оваа листа? Според најновиот извештај на Светската листа за среќа, кој опфаќа 147 земји, државата се наоѓа на пониска позиција во споредба со останатите земји од регионот.

Извештајот се заснова на податоци од глобалната анкета на „Галуп“, која ги вклучува оценките за квалитетот на животот на луѓето во повеќе од 140 земји во периодот од 2022 до 2024 година. Индексот на среќа е заеднички проект на „Галуп“, Истражувачкиот центар за благосостојба на Оксфорд и Мрежата на ОН за одржлив развој.

Анкетата ги рангира државите според просечната оцена на животот на нивните граѓани и зема предвид шест клучни фактори: БДП по глава на жител, социјална поддршка, очекуван здрав животен век, слобода, великодушност и перцепција на корупција.

На врвот на листата повторно се наоѓаат нордиските земји – Финска (на првото место), Данска, Исланд и Шведска, кои го задржуваат истиот редослед како минатата година. Норвешка е повторно на седмата позиција.

Во регионот, најдобро рангирана е Словенија, која се наоѓа во првите 20, поточно на 19. место. Следува Косово на 29. позиција, а Србија е 31. Хрватска е под БиХ на 72. место, веднаш зад неа е Црна Гора, додека Северна Македонија е рангирана под нив. Албанија е на 89. место.

На самото дно на листата е Авганистан, кој повторно е прогласен за најнесреќна земја во светот, веднаш пред него се Сиера Леоне, Либан, Малави и Зимбабве.

Loading