Симболот на СЈО надвор од затвор: Јанева доби УСЛОВЕН ОТПУСТ

Поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева доби условен отпуст и на почетокот на неделава го напушти КПУ „Идризово“, каде од 2021 година ја издржуваше затворската казна за предметот „Рекет“.

Како што изјави директорот на затворот Зоран Јовановски за СДК.мк, Јанева е пуштена на условен отпуст и до истекот на седумгодишната затворска казна во 2027 година ќе има обврска редовно да се јавува во Основниот кривичен суд Скопје и строго да ги почитува сите законски пропишани услови. Во спротивно, може повторно да биде вратена во затвор.

Апелациониот суд Скопје во јули 2021 година ја потврди пресудата со која Јанева беше осудена на седум години затвор заедно со Бојан Јовановски – Боки 13. Случајот „Рекет“ се однесуваше на изнуда од еден милион евра од бизнисменот Орце Камчев, за наводно влијание врз обвинителството со цел тој да добие поблага судска разврска.

Јанева беше осудена за примање мито, во вид на кауч и неколку илјади евра – предмет на контроверзии во јавноста поради, како што беше посочувано, недостаток на директни материјални докази, банкарски трансакции или јасни фотографии.

Во текот на издржувањето на казната, Јанева имаше одредени олеснувања и привилегии, но дел од нив ѝ беа укинати по контрола на новото раководство на Управата за извршување санкции, кога беше утврдено дека таа била работно ангажирана во адвокатската канцеларија на нејзиниот син, додека формално издржувала затворска казна.

Апсењето и затворањето на Јанева, некогашната најпопуларна обвинителка и симбол на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), практично стави крај на институцијата формирана со Пржинскиот договор, чија задача беше да гони висока корупција поврзана со незаконското прислушување организирано од поранешното раководство на УБК, предводено од Јордан Мијалков.

Скандалот со масовното прислушување на илјадници граѓани, политичари, бизнисмени и новинари беше клучен фактор за падот на власта на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ, како и за доаѓањето на власт на Зоран Заев и СДСМ, со поддршка на Шарената револуција.

Loading