„ГО ПРОДАДОА ЗА ЕДЕН ДЕН“ – Георгиевски обвинува: ВМРО-ДПМНЕ се плаши од враќањето на Груевски

Еден од основачите и поранешен лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски, упати остри критики кон актуелното раководство на партијата, оценувајќи дека Никола Груевски бил „буквално продаден за еден ден“ од оние што со години се колнеле во неговото име.

Во интервју за Рацин.мк, Георгиевски вели дека сегашното раководство на ВМРО-ДПМНЕ се плаши од можноста за враќање на поранешниот премиер, иако, како што нагласува, тие имаат морална и политичка одговорност кон него.

„Очигледно кај нив суетите и стравот од неговото враќање се поголеми. Реално сметам дека Груевски не управува со нив, но неговото евентуално враќање е реален проблем за сегашното раководство“, вели Георгиевски.

На прашањето дали токму поради тие причини не е обновено барањето за негова екстрадиција од Унгарија, Георгиевски одговара дека ваквиот однос претставува срам за ВМРО-ДПМНЕ.

„Тие луѓе единаесет години се колнеа во неговото име. Никола Груевски ги држеше на власт – беа министри, директори, началници. Тој им ја даваше власта. А денес? Буквално за еден ден го продадоа“, нагласува поранешниот лидер на партијата.

Георгиевски додава дека е изненаден од фактот што ВМРО-ДПМНЕ покажала поголема и подолготрајна емоција кон него лично, отколку кон Никола Груевски, иако токму Груевски бил најдолго време на чело на партијата и државата.

„Можеби звучи еретички, но така гледам на работите. Ова е сериозно морално прашање за тие што денес управуваат со ВМРО-ДПМНЕ“, вели Георгиевски.

Loading