НОВОГОДИШЕН БРИФИНГ НА ЈАНЕВСКА – ДАЛИ СПЕКТАКУЛАРНО НАЈАВЕНИТЕ РЕФОРМИ СЕ ОБИД ЗА ЗАСЕНУВАЊЕ НА СУШТИНСКИТЕ БАРАЊА НА РОДИТЕЛИТЕ?

╔════════════════════════════════════════════════════════════════════════════╗
Додека фокусот на институциите е ставен на реформите и материјалните услови во образованието, дел од јавноста и родителските организации со недели реагираат на содржините на Националната стратегија, особено во делот каде се споменуваат поимите „род“, „родова еднаквост“ и можноста за воведување на родово-сензитивно и сеопфатно сексуално образование. https://www.facebook.com/share/p/1abqp498oh/
╚════════════════════════════════════════════════════════════════════════════╝

Министерката за образование и наука Весна Јаневска на новогодишен брифинг со новинарите ги претстави клучните реформи што Министерството за образование и наука (МОН) ги подготвува за 2026 година, најавувајќи зголемување на платите за наставниците, воведување електронски свидетелства и нов концепт на државната матура.

Од март следната година наставниците во основното и средното образование ќе добијат покачување на платите од 7,5 до 10 проценти, мерка која, според министерката, има за цел зголемување на мотивацијата и вреднување на наставниот кадар. Јаневска истакна дека станува збор за договорена обврска што досега не била реализирана и дека напредокот во образованието е забележан и во последниот извештај на Европската комисија.

Паралелно со најавите за финансиски подобрувања, МОН подготвува и потпишување на Националната стратегија за образование 2026–2032, која треба да биде основа за креирање на образовните политики во наредните шест години. Како приоритети се наведуваат едносменската настава, подобрувањето на учебниците и дигитализацијата на образовниот процес.

Од јуни 2026 година за првпат ќе се воведат електронски свидетелства за учениците од прво до трето одделение, а до 2028 година дигитални свидетелства ќе добијат и учениците од четврто до деветто одделение. Истовремено, се најавува и нов концепт на државната матура со два типа – гимназиска и стручна, со цел подобро прилагодување на образованието на потребите на пазарот на трудот.

Сепак, додека фокусот на институциите е ставен на реформите и материјалните услови во образованието, дел од јавноста и родителските организации со недели реагираат на содржините на Националната стратегија, особено во делот каде се споменуваат поимите „род“, „родова еднаквост“ и можноста за воведување на родово-сензитивно и сеопфатно сексуално образование.

Родителските здруженија бараат јасни и недвосмислени објаснувања што точно значат овие поими и дали преку образовниот систем се отвора простор за содржини поврзани со ЛГБТИ+ теми, за кои сметаат дека треба да бидат предмет на поширока јавна дебата. Реагираат на влијанието на поранешната министерка за образование Мила Царовска и ваквата стратегија ја сметаат за нејзин континуитет.

Критичарите оценуваат дека најавата за зголемување на платите доаѓа во чувствителен момент и дека таа може да се толкува како обид за смирување на јавните тензии и пренасочување на вниманието од контроверзните аспекти на образовната стратегија кон социјално поприфатливи теми.

Покрај реформите во основното и средното образование, МОН најавува и законски измени во високото образование, построги критериуми за универзитетските професори и засилена борба против плагијатизмот, вклучително и јавно објавување на спорни магистерски и докторски трудови.

Додека Владата ги претставува најавените мерки како дел од сеопфатна трансформација на образовниот систем, останува отворено прашањето дали реформите ќе придонесат за смирување на тензиите или јавната дебата околу содржината и вредностите во образованието дополнително ќе се продлабочи.

Loading