Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ денеска со остро соопштение ги отфрли обвинувањата на СДСМ дека пресудата за Филип Андонов претставува политички прогон, оценувајќи ги како однапред смислено сценарио за манипулација со јавноста.
Според ВМРО-ДПМНЕ, раководството на СДСМ уште пред неговото именување знаело дека Филип Андонов се огрешил пред законот, но сепак одлучило да го вметне во партиските органи со цел подоцна судската одлука да ја претстави како напад врз опозицијата.
„Јасно беше уште од почетокот дека Филип Андонов беше ставен во Извршниот одбор на СДСМ затоа што самите знаеја дека е виновен. Сега тоа се обидуваат да го продадат како политички прогон. СДСМ е прочитана партија“, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
Од владејачката партија истакнаа дека ваквите наративи не поминуваат кај граѓаните и упатија директна порака до раководството на СДСМ да се огради и дистанцира од, како што велат, криминалните структури во сопствените редови.
Претходно, од СДСМ ја обвинија власта дека го има ставено судството под своја контрола и дека преку обвинителството врши притисок и репресија врз партиски функционери. Според опозициската партија, коалицијата ВМРО-ЗНАМ ја активирала последната фаза од својата политичка кампања, која вклучува селективна правда и политички прогон.
Како доказ за овие тврдења, СДСМ ја посочи денешната пресуда за Филип Андонов, поранешен директор на затворот во Шутка и член на Извршниот одбор на партијата.
![]()

