ЖРТВЕНИОТ НАРАТИВ НА ЛЕВИЦА ВО ФОКУСОТ НА ДЕБАТАТА ЗА ТЕХНИЧКА ВЛАДА

Дебатата за укинување на техничката, односно таканаречена пржинска влада, повторно ја отвори политичката сцена, но во фокусот овојпат не се само ставовите „за“ и „против“, туку и начинот на кој одделни партии се позиционираат во јавноста. Особено внимание предизвикува настапот на Левица, која во своите реакции ја гради тезата дека е жртва на политичкиот систем и медиумската нерамноправност.

Од Левица техничката влада ја опишуваат како „фасада и привид на фер и демократски избори“, зад која, според нив, продолжуваат политичката селективност, нееднаквоста и цензурата. Со ваквата реторика, партијата не само што се спротивставува на статус-кво состојбата, туку и се позиционира како маргинализиран политички субјект кој настапува против „системот“.

Левица постави јасни услови под кои би било прифатливо укинувањето на техничката влада – воведување една изборна единица и целосна медиумска еднаквост за сите политички субјекти. Иако овие барања се претставуваат како демократски принципи, политичките аналитичари оценуваат дека тие воедно служат и за зацврстување на наративот дека партијата е системски оштетена и лишена од фер политичка конкуренција.

Во исто време, лидерот на СДСМ Венко Филипче останува на ставот дека техничката влада не треба да се укине, нагласувајќи дека таа е гаранција за фер изборен процес. Иако најави дека СДСМ ќе учествува на избори и без неа, Филипче одбива учество на лидерската средба што ја најави премиерот Христијан Мицкоски.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, тврдат дека токму преку дијалог и лидерска средба може да се постигне политички консензус за реформските закони поврзани со европската агенда, меѓу кои и прашањето за техничката влада.

Во ваков контекст, настапот на Левица може да се чита и како порака до сопственото гласачко тело – јасно дистанцирање од големите партии и градење имиџ на „антисистемска“ опција. Жртвениот наратив, комбиниран со високи демократски барања, ѝ овозможува на партијата да ја задржи критичката позиција без директно преземање одговорност за можен политички договор.

Дебатата за техничката влада, така, сè повеќе станува поле не само за институционални решенија, туку и за политички стратегии и наративи со кои партиите се обидуваат да ја зацврстат својата позиција пред јавноста и идните избори.

Loading