ГРУЕВСКИ ПОВТОРНО СЕ ЈАВИ ДА ПОТСЕТИ ДЕКА ДРЖАВАТА ЗГРЕШИЛА ШТОМ ТОЈ ЗАМИНАЛ

Груевски повторно се јави: Уште едно „потсетување“ дека сè било решено – само другите не знаеле што прават

Никола Груевски, кој во последно време се јавува почесто од дневен билтен, повторно излезе со објаснување дека Македонија некогаш имала совршен план за ОКТА, енергетиката, пазарот на горива и – се разбира – иднината. Единствениот проблем? Планот не го спровеле тие што дошле после него.

Во своето најново јавно обраќање, Груевски нè информира дека државата можела да ја врати ОКТА, да избегне арбитражи, да нема монопол и да биде енергетски стабилна. Но наместо тоа, СДСМ, како што тврди тој, одлучила да ја пропушти шансата и да направи „поиновативно“ решение – целосна зависност од увоз и доминантен трговец на пазарот.

Активирањето на цевководот Солун–Скопје како продуктовод, според Груевски, не било техничко прашање, туку класичен пример како не треба да се води држава. Зашто, логично, подобро е да имаш рафинерија што не работи, отколку пазар што функционира без државна контрола – барем според неговата логика.

Особено интересен е делот каде што дознаваме дека уште во 2017 година: законот бил готов, експертите биле ангажирани, купувачите биле „на повидок“, а решението – буквално чекало некој да го земе од маса.

Но, наместо тоа, државата изгубила арбитражи, сопственикот на ОКТА станал трговец, а пазарот – „случајно“ добил нов монопол. Очигледно, користењето на готови решенија не било доволно атрактивно.

Во меѓувреме, камионскиот транспорт исчезнал, транспортните компании останале без работа, но барем сме добиле стабилна и долгорочна зависност од еден снабдувач. Конкуренција? Тоа е веќе стара мода.

На крајот, Груевски повторно нуди визија за иднината: мини-рафинерија, нови продуктоводи, регионално поврзување. Национализацијата, сепак, веќе не се исплати – затоа што, како и сè друго, требало да се направи тогаш, кога тој уверува дека сè било под контрола.

Пораката од уште едно негово редовно јавување е јасна: проблемите се сегашни, вината е туѓа, а решенијата – како и секогаш – одамна биле подготвени.

Loading