ДАЛИ СВЕТОТ ВЛЕГУВА ВО НОВА ГЕОПОЛИТИЧКА КОНФРОНТАЦИЈА?

Трамп не попушта, Европа возвраќа – Гренланд станува симбол на новата геополитичка реалност

Американскиот претседател Доналд Трамп повторно ја отвори темата за преземање на контролата врз Гренланд, предизвикувајќи остра реакција од Европа. Иако пораките од жителите на островот и од Данска се јасни – Гренланд не е на продажба – Вашингтон не се откажува од своите стратешки интереси на Арктикот.

На Светскиот економски форум во Давос, претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, порача дека светот влегува во период на трајни промени, а Европа мора да одговори со градење на „нова форма на европска независност“.

„Ако оваа промена е трајна, тогаш и Европа мора трајно да се промени. Време е да ја искористиме оваа можност и да изградиме нова, независна Европа.“

Европа го заострува тонот кон Вашингтон

Дека во Европа се менува пристапот кон САД, потврди и белгискиот премиер Барт де Вевер, кој изјави дека заканите од Трамп претставуваат пресвртница во односите меѓу САД и ЕУ.

Според него, попустливоста кон американскиот претседател само го охрабрува да оди чекор понатаму, порачувајќи дека „е доста“ и дека Европа повеќе нема да толерира притисоци.

Данска остро: Нема уцени, нема попуштање

Од Данска стигна јасен одговор – суверенитетот не е тема за преговори. Министерот за надворешни работи Ларс Локе Расмусен порача дека ЕУ и сојузниците мора заеднички да застанат во одбрана на територијалниот интегритет.

Како знак на незадоволство од судирот со Трамп, данската делегација го откажа учеството на Светскиот економски форум.

НАТО и Арктикот: Безбедноста останува приоритет

Од НАТО потврдија дека ќе продолжат тесно да соработуваат со Данска и Гренланд во однос на безбедноста на Арктикот. Генералниот секретар Марк Руте нагласи дека регионот има клучно значење за колективната безбедност и дека Данска инвестира во важни воени капацитети.

Во меѓувреме, и покрај противењето на локалното население, Северноамериканската команда за воздухопловна одбрана најави испраќање авиони во американската воена база на северозападот од островот – потег што дополнително ги зголемува тензиите.

Loading