РЕАЛНОСТ ИЛИ ПАРОДИЈА? НАСТАП ШТО ЈА ЗАСРАМИ ПРОФЕСИЈАТА

Во време кога јавниот говор треба да биде пример за професионалност и култура, сцената во Тетово делуваше како спротивност на сè што претставува новинарството. Наместо ред, аргументи и јасно поставени прашања, јавноста виде група новинари кои звучеа како стерео што „шушка“ и расштиман оркестар – сите зборуваат во исто време, без ред, без почит и без елементарна комуникациска култура. Во таа бучава од преклопени гласови и наметлив тон, новинарството беше сведено на хаос, а професионалните стандарди – оттурнати во втор план. Кулминацијата дојде кога еден новинар ѝ се обрати на министерката за образование со „ти“ и со провокативен тон, отворајќи нова дебата за тоа каде завршува слободата на изразување, а почнува некултурата.


Новинар од Тетово предизвика бурни реакции откако на министерката за образование ѝ се обрати без персирање, користејќи „ти“, и ѝ постави прашање: „Си зема преведувач министерке?“. По нејзиниот краток одговор „Не“, следуваше и дополнителна реплика: „Ти кажавме кога ќе дојдеш во Тетово да си земеш преведувач“. Ваквиот настап веднаш беше оценет како непрофесионален, навредлив и несоодветен за јавна комуникација.

Реакциите од новинарската фела и јавноста беа остри. Дел од новинарите јавно посочија дека ваквото однесување не доликува на професијата и дека медиумските организации треба да реагираат и кога новинарите ги прекршуваат стандардите, а не само кога се нападнати. Според нив, не секој што држи микрофон е новинар, особено кога однесувањето повеќе наликува на активизам отколку на професионално информирање.

Други реагираа уште подиректно, оценувајќи го настапот како невоспитан и недоличен, потенцирајќи дека обраќањето на „ти“ кон носител на јавна функција, особено во формален контекст, е неприфатливо. Посочено беше и дека новинарството не е локална импровизација, туку професија што бара сериозност, подготовка и почитување на основните комуникациски правила.

Во реакциите беше нагласено и дека ваквиот пристап повеќе наликува на неформален, чаршиски муабет отколку на јавен настап пред камери. Дел од новинарите предупредија дека ваквите изјави и начин на комуникација можат да придонесат за зголемување на нетрпеливоста и да испратат погрешна порака во јавноста.

Случајот повторно ја отвори дебатата за границите на новинарската слобода и одговорноста што ја носи оваа професија. Новинарите имаат право да поставуваат прашања и да бидат критички настроени, но тоа не значи дека треба да се отстапи од основната култура на дијалог и професионалност. Напротив, токму во вакви ситуации се гледа разликата меѓу новинарство и обично наметнување на ставови.

Останува отворено прашањето – дали ваквите сцени се исклучок или аларм дека е потребно посериозно враќање кон стандардите и етиката во медиумскиот простор.

Поврзана тема на следниот линк:

КОГА „НОВИНАРСТВОТО“ СТАНУВА БУКА: сивилото како профитен модел

Loading