Претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, денеска на прес-конференција соопшти дека поднесува неотповиклива оставка од функцијата поради, како што рече, немањето слух кај извршната и законодавната власт да се обезбеди брза и ефикасна правда, како и обидите за нарушување на нејзиниот интегритет од страна на високи функционери од власта.
-Кога нема слух за подобрување на состојбата во судството и истото е опструирано од власта и на разно разни начини претседателот на Владата и политичарите од владејачката гарнитура, од собраниска говорница или преку прес службата изразуваат негативен став спрема Судскиот совет, спрема членови во Советот, но најпоразително од се е што изразуваат негативен став кон судиите, од кои поголемиот број навистина не го заслужуваат тоа, сметам дека единствено што ми останува е да го заштитам мојот личен интегритет и мирот и спокојството и мое и на моето семејство, поради што поднесувам неотповиклива оставка од функцијата претседател на Судскиот совет на Република Северна Македонија, изјави Дамева.
Наводите кои од собраниска говорница ги изнесе претседателот на Владата Христијан Мицкоски за фалсификување на записници во Судскиот совет, Дамева рече дека имаат за цел да биде нарушен угледот на Советот и во јавноста да биде прикажан дека не ја извршува совесно својата работа.
-Претседателот на Владата Христијан Мицкоски токму од собраниската говорница изнесе наводи дека во Судскиот совет, со кој раководам, има некави кланови и се фалсификуваат записници. Воедно, во неколку наврати тој, како и политичари од сегашната власт се обраќаа со негативни ставови за членови на Судскиот совет, нивна поврзаност со одредени политичари од претходната власт и сето тоа во насока да се претстави во јавноста дека јас или пак членовите на Советот не ја извршуваме функцијата професионално, стручно, совесно и одговорно, а Судскиот совет, заедно со Советот на јавни обвинители беа посочени како тела кои треба да бидат распуштени. Дури, во телевизиско гостување истакна и дека на нашето место, на местото на постојаните членови на советите, треба да дојдат „нивни“ луѓе, претпоставувам дека тоа се однесува на судии или обвинители кои се блиски до владеачката политичка партија. И ова, во една демократска држава е многу сериозно, да не речам поразително, порача Дамева.
Судскиот совет денеска на итна седница ја констатираше неотповикливата оставка на Дамевска. На предложениот дневен ред беше и точката за избор на претседател на Судскиот совет, но по предлог на членот на Советот, Исамедин Лимани, едногласно беше тргната од дневен ред.
Според Лимани, Советот треба да избира претседател кога ќе биде во полн состав, односно по изборите на двајца нови членови кои треба да се случат на 11 декември.
– Двајца членови со право на глас се отсутни, а исто така сме во фаза на избор на двајца нови членови на Советот кои ќе се избираат на 11 декември. Еден член од општата листа од Апелационо подрачје Штип и еден член од посебната листа, така што изборот на претседател мислам дека треба да биде кога Советот ќе биде комплетиран, посочи Лимани.
Ставот и на останатите членови е дека Советот може да продолжи со работа без претседател сѐдо неговото комплетирање.
Според Владата оставката на претседателката на Судскиот совет Весна Дамева е единствената можна и исправна одлука по огромните забелешки за нејзината работа.
– Разбираме дека од ваквата одлука ќе има многу засегнати и загрижени поради нивното сомнително работење, огромните сомнежи за криминал, како и фалсификување на записници, но правдата мора да профункционира, стои во одговорот од Владата.
Дамева беше разрешена во април минатата година откако сакаше да ја стави одговорноста на апелациониот судија Енвер Беџети на дневен ред. Нејзиниот заменик Селим Адеми тогаш повика на гласање за нејзино разрешување, при што седум члена го поддржаа, по што тој констатира дека Дамева е разрешена и во нејзино присуство го презеде раководењето со седницата. Таа поднесе тужба на одлуката за разрешување до Управниот суд и тој на 3 јануари таа одлука ја укина и ја врати Дамева на функцијата.
![]()

