Шефицата на македонското разузнавање ја доби првата претставка во Антикорупциска, еве за што е обвинета

 Државната комисија за спречување на корупција на денешната седница информира дека примила претставка против актуелната директорка на Агенцијата за разузнавање, Габриела Јаковлева во која е наведено оти не доставувала извештаи за работата на Агенцијата до повеќе тела во државата.

Дали наводите на претставката се точни или неточни, ќе треба да пресече претседателката на државата.

-Согласно Законот за Агенцијата за разузнавање во член 3 став 2 е уредено дека Агенција за работите од нејзина надлежност ги известува органите во државата – претседателот на Собранието, до Владата, до претседателот на Владата, како и до Советот за координација на безбедно разузнавачка заедница и други органи во државна управа зависно од предметот на работење. Претставката се однесуваше во насока дека директорот на Агенцијата досега нема доставено информации за своето работење до Собранието, која размена на податоци согласно законот е зависно од предметот на интерес на самото работење. ДКСК нема надлежност да навлегува дали комуникацијата согласно закон помеѓу наведените институции тече согласно потребите и динамиката која ја определува самата Агенција. За размена на нивните информации дали се во време и на место согласно закон, проценува претседателот на државата, рече членот на ДКСК, Цвета Ристовска.

ДКСК реши предметот да ѝ го препрати на одлучување на претседателката Гордана Сиљановска Давкова под чија надлежност е Агенцијата за разузнавање.

На седницата беше презентирана уште една претставка за вработен во Агенцијата за разузнавање, кој наводно на Фејсбук имал фотографии од партиски штаб во времето на парламентарните избори.

И за него, како што беше потенцирано на седницата, антикорупционерите нема да постапуваат, туку предметот е алоциран во внатрешната контрола на АР за да се види дали наводите се точни или не.

Loading