Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) остро реагираше на јавните настапи на политички претставници, оценувајќи дека јавното етикетирање и дискредитирање на медиумите претставува сериозен притисок врз слободата на изразување и демократските вредности.
Повод за реакцијата е денешната прес-конференција на портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, за која од ЗНМ велат дека испраќа загрижувачка порака до медиумската заедница и може да ја наруши довербата на јавноста во новинарството.
Од Здружението предупредуваат дека ваквите јавни напади од политички субјекти можат да создадат атмосфера на страв и автоцензура кај медиумите, што е недозволиво во едно демократско општество.
„Политичките партии треба да се воздржат од јавна дискредитација на медиумите. Доколку постојат сомнежи за неетичко или непрофесионално известување, постојат јасно утврдени саморегулаторни механизми кои треба да се користат“, порачуваат од ЗНМ.
Во реакцијата се нагласува дека Советот за етика во медиумите и Советот на честа се единствените институционални тела каде аргументирано и професионално може да се разгледуваат вакви наводи, наместо преку јавни прозивки.
ЗНМ апелира до сите политички чинители на одговорност, почитување на медиумските слободи и воздржаност од реторика која, како што велат, го нарушува јавниот дискурс и ја поткопува демократијата.
![]()

