ПОДДРШКА СО РЕЗЕРВИ: КОЈ ЌЕ ГО ЧУВА „СЕЈФ СИТИ“?

Пратеничката група на ДУИ сепак ќе ги поддржи измените на Законот за прекршоци, познат во јавноста како проектот „Сејф сити“, кој треба да се најде на дневен ред на собраниската седница во петок. Според најавите, имплементацијата на системот треба да започне на почетокот на февруари.

Координаторката на пратеничката група, Рина Ајдари, денеска од собранискиот прес-центар го изнесе ставот на интегративците, посочувајќи дека очекуваат МВР да постапи по забелешките што ги имале во однос на законското решение.

Од друга страна, СДСМ повтори дека како конструктивна опозиција е подготвена да даде поддршка за добри законски решенија, но инсистира на сериозна дебата за одредени аспекти од законот. Од партијата нагласуваат дека проблематични се висината на казните, како и управувањето со големата количина на податоци што ќе ги генерира системот, за кои бараат јасни гаранции дека нема да бидат злоупотребени.

„Собранието е вистинското место за ваква дебата и доколку е потребно, не е проблем да се одложи примената на законот за месец или два, со цел да се постигне подобро решение“, порачуваат од СДСМ.

Во меѓувреме, од МВР информираа дека од денеска започнува тестирањето на камерите од системот „Сејф сити“, кое ќе трае до 31 јануари, секој ден во периодот од 8 до 20 часот.

Законот за прекршоци беше и една од темите на неодамнешната лидерска средба, на која не присуствуваше лидерот на СДСМ, Венко Филипче. Тој и претходно посочуваше дека нема проблем дискусиите за клучните законски решенија да се водат во Собранието.

Останатите лидери разговараа и за други политички прашања. Првиот човек на ДУИ, Али Ахмети, најави тет-а-тет средба со Христијан Мицкоски за теми поврзани со Бадентеровото мнозинство и измените на Законот за влада. Сепак, одлуката за поддршка на „Сејф сити“ била донесена пред таа средба.

Во исто време, сè уште нема договор за избор на Народен правобранител, бидејќи интегративците инсистираат на ново име наместо веќе предложеното.

Loading