По долг период на воздржаност: Германија е подготвена да ѝ испорача моќни проектили на Украина

По долг период на воздржаност, Германија е подготвена да ѝ испорача на Украина крстосувачки проектили со долг дострел од типот Taurus, изјави идниот германски канцелар Фридрих Мерц за Financial Times. Тој нагласи дека таквиот чекор би бил координиран со европските сојузници.

Taurus проектилите, заеднички производ на европската MBDA и шведската Saab, имаат дострел до 500 километри – повеќе од британските Storm Shadow и американскиот систем ATACMS. Со нив, Украина би можела да напаѓа цели длабоко зад фронтот, како што е Керчкиот мост што ја поврзува Русија со Крим.

Мерц го осуди неодамнешниот руски напад врз градот Суми, каде што загинаа најмалку 34 цивили, како „тежок воен злостор“. Тој додаде дека Украина мора да добие посилна поддршка за да се спротивстави на агресијата и изјави: „Путин нема да одговори позитивно на понуда за мир“.

Досегашниот канцелар Олаф Шолц беше против испорака на Taurus, стравувајќи од ескалација на кофликтот, но новата коалиција можеби ќе донесе пресврт. Сепак, останува неизвесно дали коалициските партнери, особено Социјалдемократите, ќе дадат зелено светло.

Мерц, лидер на конзервативната Христијанско-демократска унија, порача дека Русија мора да разбере дека не може да победи во оваа војна и дека Украина заслужува целосна поддршка.

Loading