Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека и Израел и Иран го прекршиле постигнатото примирје на Блискиот Исток, пренесува Ројтерс.
„Не сум задоволен ниту од Израел, ниту од Иран“, рече Трамп, додавајќи дека, според американски разузнавачки информации, „иранските нуклеарни капацитети се уништени“ и дека Техеран „никогаш повеќе нема да може да го обнови својот нуклеарен програм“.
Претходно утрово, Трамп објави дека е постигнат прекин на огнот и дека „војната меѓу Израел и Иран е завршена“. Но, неколку часа подоцна, двете страни повторно размениле ракетни напади.
„Мораат да се смират. Ова веќе станува апсурдно“, изјави Трамп пред новинарите.
Израелските власти тврдат дека регистрирале нов напад со ракета од Иран, додека Техеран остро демантираше дека има каква било вмешаност. Во медиумите се појави и фотографија за која се тврди дека прикажува иранска ракета падната на израелска територија по почетокот на примирјето, но нејзината автентичност сè уште не е потврдена.
Трамп, преку својата платформа Truth Social, испрати директна порака до израелската влада:
„Израеле, не фрлај бомби. Ако го сториш тоа, тоа ќе биде сериозно кршење. Врати ги своите пилоти дома – веднаш!“
![]()

