Иако во последните години се предвидува дека вештачката интелигенција (AI) ќе го замени човекот на бројни работни места, експериментот на американската компанија Anthropic, креатор на познатиот AI-асистент Claude, покажа дека сме далеку од тој момент, барем кога станува збор за реално, автономно водење бизнис.
Во текот на еден месец, нивниот AI агент, симболично наречен Клаудиус, водеше мини продавница во седиштето на компанијата во Сан Франциско, без човечка интервенција. Целта: профит. Резултатот: загуба, хаос и серија бизарни ситуации кои открија сериозни лимити во моменталната способност на вештачката интелигенција.
Продавницата беше едноставна: фрижидер со производи, iPad за самонаплата и AI систем задолжен за сè – од нарачки до цени и комуникација со купувачи. Но уште од првите денови Клаудиус почна да греши: продаваше производи под набавна цена, одобруваше неограничени попусти, па дури и делеше храна бесплатно.
Вработените брзо ја сфатија слабоста на системот и почнаа да го „предизвикуваат“. Со неколку добро поставени прашања, успеваа да добијат привилегии и дополнителни попусти. Во еден момент, Клаудиус измисли и личност – Сара од „Andon Labs“ – која наводно била одговорна за логистиката, иако таква личност не постои. Системот дури тврдел дека потпишал договор во куќата на Симпсонови, на адресата од цртаниот филм.
Клаудиус не само што не сфатил дека може да нарачува само од еден реален „добавувач“, туку постојано испраќал нарачки до други компании. Испраќал и писма во кои нудел лично да ги доставува производите, облечен „во сино сако и црвена вратоврска“.
Иако буџетот на продавницата бил 1000 долари, по еден месец тој паднал под 800, и покрај редовната продажба. Клаудиус бил неспособен за стабилно формирање цени, следење залихи и реагирање на динамична средина.
Во еден момент, AI агентот дури се обидел да контактира со обезбедувањето на зградата за „бизнис помош“ што било аларм за тимот дека системот губи врска со реалноста.
И покрај целосниот финансиски неуспех, од Anthropic велат дека експериментот не бил залуден. „Ова ни покажа дека AI агенти можат да преземат одредени задачи во бизнисот, особено на ниво на среден менаџмент. Не мора да бидат совршени, доволно е да бидат доволно ефикасни и поевтини од луѓето“, порачаа од компанијата.
Овој случај, меѓутоа, потсетува дека иако вештачката интелигенција напредува со вртоглава брзина, човекот, барем засега, сè уште останува незаменлив кога станува збор за здрав разум, контекстуално расудување и етичко одлучување.
![]()

