Претседателите на САД и Русија, Доналд Трамп и Владимир Путин, одржаа телефонски разговор што траеше речиси еден час, при што главна тема беше состојбата во Украина и можностите за преговарачко решение на конфликтот, пренесуваат странските информативни агенции. Според информациите од агенцијата Ројтерс, разговорот го иницирал Трамп, кој ја отворил темата за „брзо завршување на војната во Украина“.
Сепак, високиот советник на Кремљ, Јуриј Ушаков, изјави дека Русија нема намера да се откаже од своите стратешки цели. „Путин јасно порача дека Русија ќе ги оствари своите цели – отстранување на корените што доведоа до конфликтот – и дека нема да се повлече“, пренесува Гардијан.
Официјалната позиција на Русија останува дека евентуални мировни преговори може да се водат исклучиво помеѓу Москва и Киев, без вмешување на трети страни.
Во разговорот не било отворено прашањето за запирање на американската воена помош за Украина, иако оваа недела САД решија да ја прекинат испораката на дел од оружјето што беше ветено од претходната администрација.
Двајцата лидери разговарале и за ситуацијата на Блискиот Исток, вклучително и за Иран, и на оваа тема имале „детална дискусија“.
Трамп и Путин се согласиле дека ќе го продолжат дијалогот и во иднина, но засега не се најавени конкретни чекори или датуми за следна средба.
![]()

