Илон Маск основа нова политичка партија: Американска партија сака да ја сруши двопартиската доминација во САД

Илон Маск, извршен директор на Tesla и SpaceX, објави дека основал нова политичка партија наречена Американска партија. Одлуката доаѓа откако 65 проценти од над 1,2 милиони корисници на социјалната мрежа Икс (поранешен Twitter) гласале во негова анкета во корист на создавање на независна партија, одделена од демократската и републиканската.

Маск изјави дека е разочаран од моменталниот политички систем во САД, кој го опиша како „унипартија“ – систем каде што двете главни партии функционираат како еден корумпиран ентитет. Пресуден момент за неговата одлука беше усвојувањето на контроверзниот закон познат како „Big Beautiful Bill“, со кој државниот долг се зголемува за дополнителни пет трилиони долари. Маск веќе претходно најави дека ќе формира нова партија доколку овој закон биде потпишан. Откако претседателот Доналд Трамп го одобри законот, Маск на 5 јули го објави основањето на Американска партија.

Новата партија, според Маск, ќе се фокусира на освојување неколку клучни места во Сенатот и Претставничкиот дом. Неговата цел е партијата да стане одлучувачки фактор при усвојување закони и да создаде политичка рамнотежа надвор од постоечките структури. Маск изјави дека Американска партија  ќе ги претставува „осумдесетте проценти од Американците кои се во политичкиот центар“.

Сепак, предизвиците се големи. За регистрација на партија во САД потребни се потписи, организациска структура и исполнување на строги критериуми кои се разликуваат од држава до држава. Политички аналитичари предупредуваат дека без инфраструктура, кандидати и јасна програма, шансите за реално влијание на федерално ниво се ограничени. Дополнително, до 6 јули 2025 сè уште нема поднесена документација до Федералната изборна комисија за официјална регистрација на партијата.

И покрај тоа, Маск има финансиска моќ, влијание врз јавноста и платформа преку која може да допре до милиони гласачи. Дали оваа иницијатива ќе прерасне во сериозен политички субјект или ќе остане симболичен протест против актуелниот систем, останува да се види.

Loading