Ајатолахот Али Хаменеи се појави јавно по примирјето со Израел: „Нашата крв за нашиот лидер“

Иранскиот врховен лидер, ајатолахот Али Хаменеи, по првпат се појави јавно од стапувањето на примирјето со Израел на 24 јуни. Тој присуствуваше на верска церемонија во Техеран, по повод годишнината од мачеништвото на имамот Хусеин, еден од најзначајните датуми за шиитските муслимани.

На видеото објавено од државната телевизија, 86-годишниот Хаменеи, облечен во црно, поздравува верници во џамијата Имам Хомеини. Присутните скандираа „Нашата крв за нашиот лидер“, изразувајќи поддршка.

Ова е прво негово појавување во јавност по неколкунеделна пауза, за време на која комуницираше преку однапред снимени обраќања поради безбедносни причини. Последниот пат кога се појави пред јавноста беше на 11 јуни, при средба со пратеници.

Во меѓувреме, на 13 јуни Израел започна воена офанзива против Иран, во обид да го спречи наводниот развој на нуклеарно оружје. Техеран ги отфрла ваквите тврдења. Примирјето стапи на сила на 24 јуни, по тешки загуби од двете страни – во иранските напади загинаа 28 луѓе во Израел, а во израелските напади беа убиени десетици ирански воени команданти и научници. Иранските власти соопштија дека загинале најмалку 936 лица.

Loading