Смртоносен ручек: Ги повикала роднините на специјалитет од говедско и ладнокрво ги убила

Жртви на ручекот биле свекорот, свекрвата и сестрата на свекрвата.

Во едно од најморбидните и најследени судења во историјата на Австралија, Ерин Патерсон (50) е прогласена за виновна за убиство на три членови од нејзиното семејство, како и за обид за убиство на четврта личност, откако ги послужила со отровни печурки со говедско месо за ручек во нејзиниот дом во Леонгата, мал град на 135 километри југоисточно од Мелбурн.

Жртви на нејзиниот „домашен оброк“ беа нејзиниот свекор Доналд Патерсон, свекрвата Гејл Патерсон и сестрата на свекрвата – Хедер Вилкинсон, додека сопругот на Хедер, Иан Вилкинсон, е единствениот што преживеал, а се борел за живот во болница со недели.

Оброкот што Патерсон го подготвила – говедски специјалитет Велингтон со пире и зелени боранија – содржел печурки од смртоносен вид, кои, како што покажа истрагата, ги набавила по сомнителен пат, најверојатно со самостојно собирање.

Судењето, кое траеше десет недели во градот Морвел, стана медиски спектакл, проследен со дневен подкаст од националната телевизија ABC, бројни домашни и странски медиуми и дури неколку документарци кои се веќе во изработка.

Според обвинителството, Ерин измислила дека боледува од рак за да ги намами гостите на фамозниот ручек. Откако се случило труењето, таа лажела за потеклото на печурките, тврдејќи дека ги купила во азиска продавница, и се обидела да уништи докази, вклучително и кујнски помагала што ги користела при подготовката.

Случајот ги шокираше граѓаните, не само поради бруталноста на делото, туку и поради фактот дека злосторството било изведено на интимна, семејна средба, на трпеза.

Loading