Во дворот на грчкиот Парламент во Атина утрово бил пронајден сомнителен коверт во кој имало 10 грама непознат бел прав, заедно со писмо адресирано лично до грчкиот премиер Киријакос Мицотакис. Ковертот со руска адреса за испорака предизвика тревога кај безбедносните служби и беше веднаш предаден на надлежните органи.
Иако засега не е официјално објавено за каков прав станува збор, првичните неофицијални информации говорат дека можно е да се работи за некој вид јаглен или друг безопасен материјал. Сепак, присуството на бел прав во контекст на адресирано писмо до највисоката политичка фигура во државата поттикна сомнежи за потенцијален обид за заплашување или испраќање порака.
На терен веднаш излегоа специјализирани служби – 12 спасувачи со четири возила и припадници на специјалната единица на грчката противпожарна служба (EMAK), кои беа облечени во заштитна опрема за работа со опасни супстанции.
„Во тек е операција за безбедно отстранување на сомнителната пратка. Тимот е на лице место и ги презема сите неопходни мерки“, соопшти грчката противпожарна служба.
Сите докази се пренесени во специјализирана лабораторија, каде ќе се изврши детална анализа на супстанцијата и содржината на писмото. Засега нема официјално соопштение од владата или од кабинетот на премиерот.
Настанот доаѓа во време на зголемени тензии во регионот и го покренува прашањето за безбедноста на политичките лидери и можните нови облици на притисок преку сомнителни пратки.
Се очекуваат повеќе информации по завршувањето на лабораториската анализа.
![]()

