Најмалку двајца членови на екипажот се ранети, а уште две лица се водат како исчезнати откако товарен брод во сопственост на грчка компанија беше нападнат во Црвеното Море, јавуваат грчките медиуми.
Бродот „Eternity C“, под либериско знаме, бил нападнат со морски дронови и чамци во близина на јеменскиот брег под контрола на Хутите. Нападот се случи само неколку часа по претходен напад врз друг грчки брод, „Magic Seas“, кој, според Хутите, бил потопен.
Бродот бил на пат кон саудиска Џеда, а екипажот го сочинувале 22 Филипинци и тројца индиски чувари. Комуникацијата со бродот е прекината и не е јасно дали нападот е завршен.
Овие напади се дел од пошироката кампања на Хутите против меѓународната пловидба во знак на поддршка за Палестинците по почетокот на војната во Газа. Израел одговори со воздушни напади врз Хути-позиции во Јемен.
![]()

